Интересот за извидништво во Прилеп расте и покрај пандемијата

Автори на текстот се студентите Христина Груеска и Кристијан Трајчов

Извидничкиот одред „Феникс“ е формиран во 2015 година и тој има за цел да придонесе во образованието на младите луѓе низ систем на вредности заснован врз извиднички завети и закони, помош во изградба на подобар свет каде што луѓето имаат конструктивна улога во општеството.

За разлика од другите земји каде што извидништвото претставува традиција и начин на живот, овде ситуацијата е поразлична. Потпретседателката Ивана Сурлаџиоска вели дека како одред забележуваат континуиран раст на членството, што резултира од поголемата заинтересираност на младите.

‚‚Големата заинтересираност најверојатно се должи на ситуацијата со корона вирусот, каде што гледаме дека голем дел од луѓето почнаа излегувањето во природа да го ценат повеќе од кога било. Нашите очекувања се во наредниот период бројот на нови извидници значително да биде зголемен‘‘.

Таа напомена дека за извидниците постои едно правило кое вели ‚‚биди подготвен‘‘, па благодарение на тоа водачите од одредот заедно со членовите на старешинството, началникот и старешината креираа програма која се спроведува за време на пандемијата. Програмата вклучува онлајн предавања за новите извидници, како и онлајн предизвици кои беа наметнати за нив. Во целата непогодна ситуација, Сурлаџиоска рече дека голем придонес имал и Сојузот на извидници на Македонија, кој исто така веднаш се приспособил на новите услови на функционирање. Зборуваше и за соработката со другите одреди во земјава, како и за оние во странство.

‚‚Со задоволство може да нагласам дека помеѓу одредите во нашата земја постои голема соработка меѓусебно. Благодарение на таа меѓусебна соработка и поддршка на одредите, Македонија е пример во регионот по раст и развој на извидништвото. Освен соработката помеѓу одредите, она со што може да се пофали нашиот одред е соработка со неколку извиднички одреди од Белгија, чии домаќини бевме во изминатите години. Освен со извидниците од Белгија, нашиот одред има постојана комуникација со одредите од Србија, Бугарија, Босна итн.‘‘

Во однос на активностите за време на летниот период, одредот планира да реализира активности кои не можеле да ги реализираат поради пандемијата.

‚‚Како главна активност би го потенцирала тим билдингот на водачи, каде што старите и новите водачи на дводневниот камп се дружат, а воедно и споделуваат искуства за работа со нивните патроли и општо, партиципирање и работење на одредски активности во тековен и иден период. Исто така, тука ќе ја нагласам партиципацијата на дел од нашите нови водичи на школата за водачи, во организација на Сојузот на извидници на Македонија во текот на јули. Голем настан за кој веќе правиме подготовки е Pletvar Outdoor Festival, во заедничка организација со Спасителната служба Златоврв. Освен овие поголеми активности, вклучени се и еднодневни прошетки до дел од врвовите во близина на Прилеп, како и неделните извиднички часови‘‘.

Беа направени и две аудио интервјуа со Марија Мирчевска и Ана Плетварец, членови на Одредот. И двете истакнаа дека се презадоволни од членството и дека одредот се движи кон замислената цел, односно да ги учи младите како да бидат добри извидници.

Преку извидничкиот метод се креира неформално образование за млади луѓе, со програма која обезбедува социјален, интелектуален и карактерен развој на младите.

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…