11 години – УГД го оправдува своето постоење со квалитет во образованието

Со Свечена академија, збогатена со уметнички дел – настап на Влатко Стефановски, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип одбележа 11 години од основањето.

На Свечената академија присуствуваа министерката за образование и наука, Рената Дескоска, ректори на државните и приватните универзитети во Република Македонија, првиот ректор на УГД, проф. д-р Саша Митрев, градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, Митрополитот брегалнички Иларион, како и останати гости и пријатели и соработници на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска изрази задоволство што има можност да присуствува на одбележувањето на 11 години од основањето на УГД.

- Посебно задоволство ми е да присуствувам меѓу студентите и професорите на УГД, особено што овој универзитет како еден од најмладите успеа во своето 11-годишно постоење да се рангира како втор во државата, што покажува дека некогаш годините на постоење не се толку битни колку што се битни залагањата на професорите, студентите и менаџирањето на универзитетот. Сакам да упатам апел и понатаму да се продолжи со градењето на квалитетот во образованието, бидејќи тоа е практично вистинската инвестиција за развој на секоја држава. Новиот Закон за високо образование, кој веќе е во собраниска процедура, ќе биде и соодветна законска рамка која ќе овозможи автономија на универзитетите, градење на слобода во академското изразување и влијанието на универзитетите во креирањето на политиките. Новиот Закон за високо образование, практично, е пример на инклузивна политика, односно градење на решенија заедно, во дијалог со универзитетите, со оние кои треба да го применуваат и на кои се однесува овој закон – изјави министерката Дескоска.

Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, во своето обраќање на Свечената академија се задржа на примената на Болоњскиот систем во високото образование, на Единствениот кредит трансфер систем, образовни системи кои трпат критики од одредени центри и во многу ситуации се како на обвинителна клупа. Боев истакна дека всушност тоа се добри системи, а ако има проблеми тие се во нивното имплементирање, за што сите фактори во високообразовниот систем треба да се потрудат многу повеќе. За единаесетте години постоење, Боев смета дека УГД одговорил на својата задача со оглед на релативно краткиот период за оформување и етаблирање на една високообразовна институција.

- Денеска славиме 11 години постоење на Универзитетот „Гоце Делчев“, 11 години макотрпна работа да изградиме една установа буквално од почеток. Тоа е нова млада установа која имаше само неколку постојни установи и мислам дека тоа го направивме на најдобар начин и мислам дека го оправдавме нашето постоење, предаваме добро знаење на студентите, градиме добри студенти, квалитетно образование и мислам дека ќе продолжиме во таа насока. Се надевам дека со новиот Закон за високо образование многу од дилемите кои досега постојат ќе бидат надминати, во поглед на автономијата на универзитетот, во поглед на финансирањето, во поглед на кадровската автономија, во она што значи подмладок на универзитетот и институционално зајакнување – изјави ректорот Боев.

На Свечената академија им беа доделени и признанија на студентите со најдобар постигнат успех на сите факултети во состав на УГД, а во уметничкиот дел на академијата настап имаше Влатко Стефановски.

 

Последен пат изменето на Четврток, 29 Март 2018 11:22
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…