Завршна презентација на проектот „Shaping the Future Education in Tourism“

Завршна конференција на „Еразмус плус“  проектот - „Креирање на идното образование во туризмот“ се одржа во хотелот „Силекс“ во Охрид.

Проектот започна во октомври 2016 година, а е финансиран со 190.215 евра од страна на Националната агенција за европски едукативни програми и мобилност. Учесници во проектот се Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (водечки партнер), Технолошкиот институт во Солун, Универзитетот „Проф. д-р Асен Златанов“ во Бургас (Бугарија) и Велеучилиштето во Шибеник (Хрватска), како партнери во проектот. Претставниците на четирите високообразовни институции во изминатите две и пол години работеа на изготвување на алатки кои на свој начин ќе придонесат за имплементацијата на можностите што ги нуди високото образование во развојот на туризмот.

Беа изготвени три алатки. Првата е електронска верзија на национално мени. Во оваа е-брошура 15 оброци по земја се понудени на публиката за да уживаат во вкусот на медитеранските земји. Секој избран оброк е претставен во форма на рецепт и слика, заедно со сите детали потребни за корисникот да разбере како да се приготви и кои состојки се вклучени. Секој оброк е претставен заедно со неговата енергетска вредност.

Втората алатка ќе им служи на потребите на професорите, учениците и широката публика. Тоа е онлајн калкулатор кој содржи податоци за главните производи кои ја сочинуваат националната кујна на земјите кои учествуваат во овој проект. На овој начин, корисниците ќе можат да одредат колку енергија ќе има како доза ако одлучат да направат сопствена комбинација на оброци.
Третата алатка ќе им служи на потребите на професорите и на студентите на одделенијата за менаџмент. Тоа е целосно функционален софтвер кој им е на располагање на наставничкиот кадар за да ги обучуваат своите ученици со што ќе ги подобрат своите вештини за тоа што треба да се направи за да се постигне успешно управување со гостопримско претпријатие. Софтверот практично дава нова димензија во управувањето со сместувачките капацитети.

На презентацијата на постигнатите резултати присуствуваа претставници на сите проект-партнери, а на свеченото отворање се обратија Васко Златковски, раководител на проектот и Ана Михајлов од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Резултатите од проектот ги презентираа професорите од Факултетот за туризам и бизнис логостика, проф. д-р Нако Ташков (Национално мени), доц. д-р Оливер Филиповски (Пресметувач на енергетска вредност на јадењата) и проф. д-р Дејан Методијески (Софтвер за управување со сместувачки капацитети).
Предвидено е проектот да има и свое продолжение. Имено, вработените од нашата институција, кои работат на развој на проекти по разни програми, веќе ја имаат подготвено апликацијата за финансирање на продолжението на овој проект, преку програмата „Ерасмус плус“, чиј повик за оската Стратешки партнерства е отворен до 21.3.2019 година.

Последен пат изменето на Четврток, 07 Март 2019 08:35
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…