УГД промовираше 8 нови доктори на науки

Осуммина нови доктори на науки беа промовирани во рамките на свеченостите по повод одбележувањето на Денот на УГД - 27 март. Нови доктори на науки се: Александра Ристеска, Васко Шутаров, Петар Поп Арсов, Везирка Јанкуловска, Оливера Бичиклиски, Сања Ристески, Силвана Жежова и Харија Шкријељ.

- На Универзитетот „Гоце Делчев“ досега има 35 промовирани доктори на науки во сите области кои ги покрива УГД и мислам дека тоа не е голема бројка, имајќи предвид дека некои други универзитети го прават тоа во многу поголем обем. Меѓутоа, во секој случај ќе се согласите со мене дека бројката не е репер за квалитет, туку дали тие докторанди своето студирање го прават со квалитет во европски димензии и дали тие со своите докторати можат да се најдат во кој било дел на Европа како луѓе кои имаат високи позиции во образованието и дали можат тоа знаење да го искористат во  кој било дел на Европа – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

Докторските дисертации на новите доктори на науки веќе може да најдат примена и во реалниот сектор.

- Мојата докторска дисертација е „Дизајн и перформанси на облека за специјална намена“. Во трудот беше направен еден нов модуларен тип на заштитен елек, наменет за војската и полицијата. Елекот функционира на принципот на брзо отстранување од телото на војникот или полицаецот, што е многу важно за моменти кога војникот е повреден, а неговата мобилност е намалена. Претходно беа испитани материјалите кои ќе бидат вградени во елекот и сметам дека успеавме да дадеме голем придонес со тоа што создадовме елек кој е модерен за секој војник во 21 век. Уште во мојот магистерски труд ја започнав оваа работа поврзана со балистичката заштита, а самиот модел е дел од барање на фирмата „Еурокомпозит“ во Прилеп, која се занимава со производство на заштитна облека, така што се надеваме дека овој модел ќе стане дел од европскиот, па и светскиот пазар – изјави Сања Ристевски, доктор на технолошко-технички науки.

Петар Поп Арсов докторираше на правни науки, а темата е поврзана со функционирањето на Советот на Европа во Стразбур:

- Мојата докторска дисертација е работена во Стразбур, додека бев амбасадор во Стразбур, а се однесува на функционирањето на Советот на Европа. Трудот носи наслов „Примената и употребата на правните акти на Советот на Европа во функција на заштитата на државните интереси“. Трудот е работен три години, од 2015 до 2018 година, а ментор беше деканот на Правниот факултет, проф. д-р Јован Ананиев.

На свечената промоција на докторите на науки ѝ претходеше и седница на Универзитетскиот сенат на УГД, на која меѓу другото беа донесени и одлуки поврзани со Денот на УГД. Донесена е Одлука за промоција во почесен доктор на науки на УГД на Васил Хаџиманов, а признанија за посебен придонес во работата на Факултетот за медицински науки им беа доделени на Лилјана Мираковска, Билјана Герасимова-Митевска и Мери Манева-Настов.

Во рамките на настаните по повод денот на УГД, по десетти пат беше промовиран и Каталогот на изданија на УГД.

- Ова ни е веќе традиција. Каталогот ги содржи насловите на учебници, учебни помагала, сѐ што е публикувано помеѓу двата патроната. Овој каталог содржи 90 наслови на учебници и учебни помагала, вкупно 133 изданија. Сите изданија ги има и во електронска форма и им се достапни на сите студенти и на сите вработени на УГД – изјави проф. д-р Лилјана Колева-Гудева.

Последен пат изменето на Среда, 27 Март 2019 08:36
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…