УГД одбележа 12 години

Универзитетот е за студентите и им припаѓа на студентите – ова е мотото под кое беше одбележана 12-тата година од постоењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а студентите и потребите од суштински реформи во образованието беа во центарот на вниманието на обраќањето на ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, проф. д-р Блажо Боев: 

Ги повикувам студентите да знаат и да сакаат да се борат за своите права, да се борат за подобро високо образование, да бараат од професорите да знаат и да знаат да им ги пренесуваат знаењата, да бидат прогресивни и да бидат вистински пропагатори на нашето општество. Постојат успешни или неуспешни, и тоа е светската лига на 21 век, во економијата, идеите, квалитетот на институциите... Почитувани студенти, ова е Универзитетот кој е формиран за вас и ви припаѓа вам, немојте тоа никогаш да го заборавите. Да живее вашиот Универзитет, вашата Алма Матер – им порача ректорот Боев на студентите.

На Свечената академија по повод 12 години УГД, која се одржа во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, присуствуваа и премиерот на Владата, Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Штип Благој Бочварски, ректорите на универзитетите од државата и странство, како и академици, професори, студентите и вработените на УГД.

Премиерот Заев изјави дека со оваа Свечена академија се оддава почит на знаењето кое е собрано на овој универзитет и кое секоја година се пренесува на нови генерации студенти.

- Посебно е чувството да се биде денеска тука и да се одбележи денот 27 март кога во 2007 година е донесена Одлука за основање на државниот Универзитет „Гоце Делчев“. Првата причина за тоа чувство е оддавањето почит на знаењето кое се пренесува на студентите, а другата, емотивната причина е што Универзитетот не само што го носи името на  Гоце Делчев, туку и што Ректоратот на оваа високообразовна институција се наоѓа во зградата каде што своевремено учителствувал токму Гоце Делчев, апостолот на нашето национално движење. Тоа е посебна чест и инспирација за академската заедница и студентите на овој Универзитет, како и за граѓаните на Штип и целиот овој источен регион. На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во изминатите 12 години студирале нешто повеќе од 30 илјади студенти. Студентските години може да бидат најдобрите времиња од животот, кога стекнатото знаење и вештини се поврзани со нови пријателства, на кои со задоволство се сеќаваме целиот наш живот. Кога нашите студенти дипломираат, освен со лични придобивки, тие стануваат и архитекти на иднината, претходници на промените за добро на заедницата. На УГД се едуцираат студенти за да учествуваат во промените во нашата земја и светот, воопшто, промени на подобро, за сите нас. Иако зборуваме за сообразување на универзитетите со динамичните општествени промени во земјата и светот, она што е константа е автономниот статус на универзитетите и слободата на истражување како клучни принципи кои мора да се поддржуваат. Владата останува на определбата на јакнење на квалитетот на високото образование, преку дополнително подобрување на акредитацијата и евалуацијата, како и подобрување на материјалната положба на високото образование и науката. Со овие констатации за Универзитетот како средишен центар на знаењето и на вештините за управување со знаењето ви ја честитам на сите годишнината и ви посакувам на сите, на професорите, студентите и на сите вработени во УГД, успешни идни години како академска средина која секогаш ќе се стреми да ги проширува своите академски хоризонти – рече премиерот Заев во своето обраќање.

 

Ректорот Боев стави акцент и на потребата од реформи во образовниот систем кои би придонеле за подобрување на квалитетот на кадарот кој се формира, кадар кој ќе биде соодветен на потребите на реалниот сектор:

-  Треба да се менува нешто во средното и во високото образование. Најпрво треба да го зголемиме бројот на гимназиите, колку тоа можностите го дозволуваат, потоа да се свртиме кон средните стручни училишта чии образовни профили ни се потребни на пазарот на трудот, а после да го намалиме и бројот на студиските програми кои не продуцираат високо образование кое ќе биде препознатливо во наредните 40 години. Контролираното воведување на таканареченото дуално образование и формирање на посебни центри за образование на школски наставници при универзитетите, исто така, може да придонесе за зголемување на квалитетот на средношколците на влезот во високото образование, ама истото треба да се направи доследно и исклучиво по наша мерка, а не по системот копирај и лепи. Првиот чекор е да се сложиме дека не ни се потребни училишта каде што учениците се подготвуваат за работа која сигурно нема да ја работат, а истовремено се многу лошо подготвени за универзитет на кој веќе на сите ни е јасно дека сигурно ќе се запишат. 

Боев потенцираше и дека треба да се оди на реформи кои ќе овозможат бројката на запишани студенти да не биде критериум за финансирањето на универзитетите, да се оди на работа со помали групи на студенти, да се посветува внимание на секој студент, и помал број на запишување на студенти, а поголем процент на завршени студенти.

На Свечената академија беа доделени признанија на студентите со највисок просек во студирањето, а вонредниот професор на Музичката академија Васил Хаџиманов беше промовиран во почесен доктор на науки (Professor Honoris Causa) на УГД.

Денот на УГД беше одбележан и со Отворен ден на факултетите, кој се одржа на платото пред Правниот факултет.

 

Последен пат изменето на Четврток, 28 Март 2019 14:54
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…