(Видео) Почна академската година на УГД

Универзитетот „Гоце Делчев“ преку свечен академски час им посака добредојде на близу 1500 нови студенти кои во наредната студиска година ќе бидат дел од УГД. На свеченоста свое обраќање имаше претставник од студентите. Студентот во четврта година на Факултетот за информатика, Никола Крстев, го сподели своето искуство со сите студенти.

- УГД е супер универзитет каде што сите факултети и студенти се еднакви, можеби некои малку поеднакви од другите. Мислам дека сите можеме да кажеме дека сме чуле барем некоја критика за нашиот универзитет, но еве тука сме. Искрено кажано, да се биде студент е малку страшно. Зошто страшно? Од една страна нѐ убедуваат дека дипломата ни е безвредна, а од друга страна сите ни кажуваат дека без диплома не можеме ниту да помислиме на работна позиција. Дополнително кога завршував средно огромна дилема и страв ми беше каде ќе студирам. За моја среќа, направив добра одлука и се запишав овде. Одлуката е добра затоа што овде има професори кои своето време доброволно го жртвуваат во име на студентите, тоа значи дека не сме имале проблеми за дополнителни предавања, вежби или консултации. Додека бев во Романија во изминатиот семестар професорите и колегите беа доста изненадени и имаа само пофални зборови за УГД - кажа во својот говор меѓу другото студентот Никола Крстев.

Свое обраќање традиционално имаше и ректорот на Универзитетот, проф. д-р Блажо Боев. Тој во својот говор порача дека студентите ја имаат можноста да ги остварат соништата на сите претходни генерации и да ја однесат државата таму каде што припаѓа.

- Светот во кој живееме во потполност е променет. Потполно различен од она што го живеевме вчера. Барем така изгледа во неговата појавност. Меѓутоа, колку и да ни се чини дека тој се менува во својата појавност, дека имаме на располагање сѐ повеќе стока и услуги, дека користиме сѐ помоќни технологии, дека можностите ни се поголеми, некои темелни прашања на постоењето и живеењето на човекот и понатаму се отворени. Дали луѓето поради поголемото имање на добра се подобри? Дали се порамноправни? Дали имаат поголемо влијание во производството? Дали повеќе одлучуваат за својот живот? Сите овие прашања се и понатаму отворени. Емпириските докази не го поддржуваат наивното очекување на мнозинството. Дистрибуцијата на богатството е неправедна и сѐ поголема е разликата меѓу богатите и сиромашните. Ако во развојот на општествата една од константите е неправедноста и нееднаквоста во распределбата на богатствата и на животните услови, тогаш секако дека константа е и пристапот кон знаењето и образованието.
Затоа, вие млади колеги, искористете ја можноста што ја имате и стекнете знаење кое вие сметате дека ви е потребно за животот кој е пред вас. Стекнете знаење за животот. Станете похумани, потолерантни, станете вистински луѓе за да ги изведете промените кои треба да се случат во нашето општество. Бидете вистинската авангарда на нашето време. Вие сте реалноста. Сѐ друго е само илузија. Ви посакувам среќа и успех во годините на вашето студирање на УГД во Штип. Ви посакувам да ги остварите вашите соништа. Ви посакувам да бидете идните лидери на нашето општество и еднаш засекогаш вашата генерација да ги оствари соништата на сите претходни генерации за едно европско општество - рече меѓу другото ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

Првиот академски час се одржа денес во Мултимедијалниот центар на УГД, а веднаш по завршувањето се отвори и ликовна изложба на Ликовната академија при УГД во Уметничката галерија „Безистен“.




 

 

 

Последен пат изменето на Четврток, 03 Октомври 2019 09:42
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…