Боев: Да веруваме во науката која единствена може да понуди решенија во вакви премрежија

На крајот од 2020 година, која поради Ковид кризата предизвика многу проблеми и компликации во сите области, па и во високото образование, разговаравме со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, академик проф. д-р Блажо Боев, за актуелната ситуација и стратегијата на УГД, кој според сите проценки најдобро се снајде во приспособувањето кон онлајн наставата.

- Ковид кризата изврши огромно влијание на високото образование. Сметате ли дека УГД соодветно одговори на кризата?

Боев: Сите бевме погодени од новонастанатата ситуација, па мораше да се даде брз одговор. Универзитет „Годе Делчев“ даде токму таков одговор, брз и решителен, и со главна цел да не се наштети на образовниот процес и на студентите. Приказ на тоа каков одговор сме дале е тоа што успешно го завршивме зимскиот семестар и успешно го привршуваме летниот. Беа организирани сите активности онлајн и ги искористивме до максимум сите наши системи. На некој начин Универзитетот беше подготвен за одговорот што го дадовме, со сите наши е-системи кои се развиваа во последните 13 години. Предизвикот беше уште поголем, затоа што не беше само наставата во прашање, туку и организирањето на уписите за време на пандемија. Истото го направивме успешно и сме единствени што понудивме и целосно онлајн и пријавување и запишување на новите студенти.

Нашиот одговор доби уште повеќе на значење и со признанието за Универзитетот од Мајкрософт за најдобар премин кон онлајн настава.

- Дали финансиските импликации од Ковид кризата, трендот на намалување на бројот на студенти воопшто во државата и инфраструктурниот развој ќе се чувствуваат и во 2021 година?

Боев: Импликациите од пандемијата се присутни во целокупниот живот. Образованието исто така не е поштедено. Предизвиците со намалувањето со бројот на студенти постојат веќе некој период. Тоа е ситуација на којашто мора да дадеме соодветен одговор и Универзитетот верува дека преку интернационализација и отворање кон светот ќе успееме да привлечеме повеќе странски студенти. Сепак кризата ќе трае некој период, но добрата основа што ја има изградено УГД, квалитетната работа со студентите и научноистражувачката средина којашто се разви се привлечни не само за наши студенти, туку и за студенти од странство. Намалениот број на студенти на сите високообразовни установи во Република Северна Македонија несомнено ќе ги наметне прашањата: Што и како понатаму во системот на високото образование? Какво високо образование навистина ни е потребно? Дали нашето поголемо интегрирање во ЕУ значително ќе ја промени нашата перцепција за тоа што е високо образование и што е воопшто универзитет на 21 век и дали тоа се универзитетите во Република Северна Македонија? Предизвиците пред кои ќе бидеме исправени во годините кои доаѓаат во основа ќе ги потврдат или ќе ги преиначат нашите перцепции на тоа каков УГД направивме и каде тој треба да се движи во иднината, иднина на едно модерно и компетитивно општество, иднина во која многу повеќе ќе се развие системот на научните истражувања и трансферот на иновациите и знаењето кон заинтересираните субјекти и соодветно подигање на материјалниот стандард на вработените, во оваа приказна се надевам дека ќе успееме како универзитет.

- Сите се надеваат и има најави за стабилизирање на кризата во 2021 г., дали УГД има стратегија за враќање во нормала, за мотивирање на студентите, вработените, со оглед на тоа дека успешното применување на онлајн наставата сепак промени и доста навики кај сите?

Боев: Универзитетот ги следи случувањата и веднаш по прекинувањето на вонредната ситуација понуди хибриден начин на работа. Сето тоа се спроведуваше во текот на изминатиот семестар. Се надеваме дека ситуацијата во 2021 година ќе тргне на подобро и дека пополека ќе почнеме да се враќаме во оној претходен начин на работа во предавалните во нашите кампуси. Универзитетот ќе ги следи случувањата и ќе донесе соодветни одлуки кога ќе има позитива промена и стабилизирање на кризата.

Но, новите навики и искуството од целото онлајн работење ќе се искористат и веруваме дека ќе можеме и понатаму во некој студиски програми да понудиме хибриден начин на работа. Сепак брзата промена на технологијата, но и очекувањата на студентите се променија и Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе даде соодветен договор кон тие нови предизвици.

- Кои се плановите и проекцијата на УГД за привлекување на нови студенти (независно дали ќе заврши или не Ковид кризата)? Дали ќе се реализира идејата за студиски програми на англиски јазик и привлекување на повеќе странски студенти?

Боев: Универзитетот се консолидираше во однос на студиските програми и наредната година ќе понуди подобрен и компактен број на студиски програми за новите студенти. Станува збор за повредени студиски програми кои се подобрени и приспособени уште повеќе според новите барања во општеството, светските промени и, секако, очекувањата на студентите. Ова претставува добар предизвик за новите студенти и се наведеме дека ќе ја препознаат својата иднина на УГД.

Во однос на странските студенти, можеме да кажеме дека веќе има акредитирана студиска програма Општа медицина на англиски јазик, за која веќе има голем интерес, но во тек се акредитации и на уште неколку студиски програми. Со ова веруваме дека поголем број на странски студенти ќе станат дел од УГД.

- Која е вашата порака и желба за 2021 година?

Боев: Во оваа пригода им посакувам на сите наши студенти и сите вработени на УГД да имаат добро здравје, во убава атмосфера да ги поминат Новогодишните и божиќните празници со своите најблиски, да ѝ веруваат на науката која единствено може во вакви премрежија со кои се сретнува нашата цивилизација да понуди решенија кои понатаму ќе ни го отворат патот кон ѕвездите како луѓе кои сме способни да даваме, да поделиме, да веруваме, да сонуваме за нашата среќа и за среќата на сите кои живеат на оваа наша преубава планета Земја која секогаш ќе биде нашиот дом, но не засекогаш и наше живеалиште.

Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…