Професори на УГД го „освоија“ Чичи Каја на Кожуф

Професори, асистенти и останати вработени на УГД во саботата го „освоија“ врвот Чичи Каја на Кожув, во акција организирана од страна на Спортскиот и културен центар на УГД, Факултетот за туризам и бизнис логистика, Oпштина Гевгелија и Планинарското друштво „Двете уши“ од Гевгелија.

Соработката под мотото „Дојди на Кожуф, запознај го регионот со УГД“ им приреди еден прекрасен ден на заинтересираните  повеќе од триесет вработени на УГД, кои со асистенција и водени од искусните членови на Планинарското друштво „Двете уши“ имаа можност да уживаат во убавините на планината Кожуф и да се искачат на еден од врвовите на Кожуф – Чичи Каја, на надморска височина од 1760 метри. Авантурата започна со пристигнување во Гевгелија, каде што одличните домаќини од ПД „Двете уши“ ги пречекаа своите гости, па со организиран превоз патуваа до туристичката локација Смрдлива Вода. По пат беше посетена и локацијата на која веќе со засилен интензитет се гради браната на вештачката акумулација „Конско“. Од Смрдлива Вода следната локација беше Асан Чешма, од каде што следуваше искачување до врвот Чичи Каја, низ прекрасните шумски предели на Кожуф, за на крај да се стигне до погледот кој остава без здив. Од врвот Чичи Каја се гледаат и сите останати врвови на Кожуф, но и многу планини низ Македонија, како и во соседните Грција и Бугарија. Планинарите кои често го искачуваат овој врв велат дека во добри временски услови се гледа и Олимп, како и Егејското Море, како и Рила, а Дојранското Езеро можеше да се види и сега. Патеката и врвот понудија многу убавини, географски и биодиверзитет, како и средба со многу шумски растенија, треви, кои се познати и по своите лековити дејства. На враќање задолжителен дел од посетата на Кожуф секако е полнењето на лековитата смрдлива вода, прочуениот леб од фурна, како и ендемското дрво гол човек, кое го има само на Кожуф, од македонска и од грчка страна, како и во Мексико.

Последната станица од овој туристичко-спортски настан беше Бања Негорци, каде што учесниците се уверија и во вкусот на традиционалната кујна.

Идејата за организирање на ваков настан дојде од тоа што спортскиот туризам, како еден од најбрзо растечките сектори во туризмот каде што сѐ повеќе туристи се интересираат за спортски активности за време на нивните патувања, може да биде катализатор за развој на туризмот доколку успешно се искористат ваквите настани во поглед на брендирањето на дестинацијата, развојот на инфраструктурата и другите економски и социјални придобивки.

Последен пат изменето на Понеделник, 05 Јули 2021 10:40
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…