Министерката Царовска на средба со студентите од УГД: „Исполнети барањата на студентите“

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска на средба со студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ ги презентираше мерките и новините кои Министерството за образование ги воведе во однос на студентите.

„Посебно ми е драго што се среќавам со студентите, кои заедно со други студенти од другите универзитети пред околу една година дојдоа во МОН со листа на барања. Меѓу тие барања беа удвојување на студентските стипендии, воведување на субвенциониран оброк и враќање на стипендиите за втор и трет циклус студии. Мислам дека сите барања со почетокот на оваа студиска година им ги остваруваме. Стипендиите се зголемија двојно (особено социјалните). За субвенционираниот оброк тече пријавувањето, првата исплата треба да биде некаде до 5 октомври за студентите кои ќе аплицираат до 31 август, а ќе има и следни рокови за да може да се оствари ова право, а сите тие ќе добиваат по 2400 денари. За студентите кои се на природни науки, можат да аплицираат за дополнителни студенти од по 18.000 денари, поради тоа што навистина се јавува дефицит од овие струки и сметаме дека треба да продолжиме да инвестираме во овие науки. За втор циклус стипендијата е 9000, а за трет циклус 18000 денари. Сево ова е остварено во соработка и врз основа на барањата на студентите и е вложување во нивниот стандард“ – изјави министерката Царовска.

Претставникот на Универзитетското студентско собрание Ване Дериволов, студент на Филолошкиот факултет на УГД, изрази благодарност за прифаќањето на барањата на студентите од страна на МОН.

За ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, овој пример е потврда за мотото на УГД – Универзитетот е на студентите и им припаѓа на студентите.

„Правата на студентите се неприкосновени во однос на тоа што значи универзитет. Ние се трудиме да ги поддржуваме нивните активности, а тие се во добра насока, и ги спроведува МОН и министерката Царовска. Поддршката е затоа што тие одат во насока на квалитетно образование, решавање на проблемите во високото образование, решавање на проблемите на студентите и она што значи квалитетно студирање во времето во кое живееме и студентите да добијат знаење кое е употребливо во нивниот живот“.

Министерката Царовска одговараше и на новинарски прашања во врска со одлуката за старт на учебната година со физичко присуство.

„МОН уште во јуни подготви три сценарија за кои образовниот систем се подготвува да ја започне новата учебна година на 1 септември. Првото сценарио и најпосакувано, предложено од сите меѓународни организации и практично имплементирано од развиени  европски и скандинавски земји во минатата учебна година, е сценариото со физичко присуство за сите ученици. Тоа е и усвоено од главниот координативен штаб и од Владата, училишниот систем се подготвува за такво сценарио. Меѓутоа, доколку здравствените власти утврдат дека има потреба од промена на друго сценарио, за хибриден систем или комплетно онлајн систем, ние сме подготвени да се адаптираме. Но, во моментов одлуката е физичко присуство за сите ученици. Искуството од минатата година во сите развиени земји, но и нашето, каде што учениците од прво и трето одделение одеа на училиште, средните стручни праксата ја одвиваа во училницата, се покажа дека трансмисија внатре во образовниот систем немаше. Ниту еден позитивен случај не се случи поради трансмисија во образовниот систем и затоа сметаме дека во највисок интерес на учениците е тие да бидат во училница, затоа што не постои друг тип на настава кој може целосно да ја замени наставата со физичко присуство. Но, хибридните модели, оние со дигитални алатки секако се користат во образованието за различни причини“.

За наставата на универзитетите, за која УГД веќе објави дека ќе се одвива онлајн, министерката Царовска изјави дека универзитетите се автономни и секој универзитет одлучува самостојно и ги известува студентите.

Последен пат изменето на Понеделник, 23 Август 2021 15:33
Одбележен под
Share this article

СЛЕДЕТЕ НЕ

Регистрирај се

За да ги добиваш новите содржини внеси ја твојата е-маил адреса
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…