Четврток, Март 28 2024
Следете нè

Факултетот за медицински науки се вклучи во одбележување на Меѓународниот ден на ретките болести

Последниот ден од февруари е Меѓународниот ден посветен на ретките болести. Ретките болести се група од околу 7000 болести, најголемиот дел со генетска етиологија, кои се наметнуваат како особен здравствен и општествен проблем. Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип се вклучи во годинешново одбележување на Меѓународниот ден на ретките болести со поддршка на едукативниот настан посветен на ретките болести, кој се одржа на 27.2.2023 г. во просториите на Гимназија „Мирче Ацев“ во Прилеп. Настанот беше организиран од прим. м-р сци. д-р Габриела Тавчиоска, педијатар едукатор на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип и стручен соработник на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести’’. Настанот беше срдечно поддржан од деканот на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип, проф. д-р Милка Здравковска, директорката на Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, проф. Весна Михаиловска и компанијата „Виталиа“. Одржувањето на настанот го поддржа и поздрави и директорката на прилепската болница, Кети Смилеска. На настанот беа присутни средношколци од Гимназијата „Мирче Ацев“, студенти по медицина на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип од Прилеп, дел од вработените во гимназијата и претставници од медиумите. Д-р Габриела Тавчиоска ги запозна слушателите со организацијата и целта на националната кампања за ретки болести. Во Македонија во тек е петтата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, која во светски рамки се одржува од 2008 година. Целта на кампањата е да се подигне свеста на јавноста за ретките болести, да се запознае со предизвиците и бариерите со кои се соочуваат пациентите со ретки болести и членовите на нивните семејства и да се испратат пораки до креаторите на политики за поголем ангажман за повеќе истражувања во областа на ретките болести. На настанот се обрати проф. д-р Тодор Арсов, професор по генетика на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и стручен соработник на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести’’, кој повеќе години од својот професионален стаж ги поминал работејќи во подрачјето на ретките болести во Австралискиот национален универзитет, Универзитетот во Мелбурн и Универзитетот Колумбија во Америка. Професор Арсов одржа информативно и мотивациско предавање за местото на генетиката во дијагностиката на ретките болести и за важноста на раната дијагноза на ретките болести. На настанот презентираа две студентки на општа медицина од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Леонарда Димоска даде општ осврт за ретките болести, а Ирина Кочоска презентираше интересен и информативен случај на дете со ретка болест. Вакви едукативни настани се одлична можност за студентите по медицина да го збогатат своето знаење за ретките болести, можност за воспоставување на контакт со здруженијата на пациенти со ретки болести, но и можност за мотивирање на средношколците во завршната година од своето гимназиско образование своето понатамошно образование да го насочат во областа на здравствените науки. Повеќе за националната програма „Ги запознаваме ретките болести’’ може да се најдат овде:

https://gizapoznavameretkitebolesti.mk/

https://www.facebook.com/gizapoznavameretkitebolesti/

https://www.instagram.com/retkibolesti/?fbclid=IwAR28M9tDjrhnrH0nS0FxAerrrzpjDzokv9Q39T3v

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com