Среда, Април 24 2024
Следете нè

УГД ќе креира студиска програма по истражувачко новинарство и тренинг програма за млади новинари

Универзитет „Гоце Делчев“ преку меѓународен проект ќе креира студиска програма по истражувачко новинарство и тренинг програма за млади креатори на содржини, новинари и медиумски работници. Целта на проектот е да се создаде студиска програма по истражувачко новинарство која недостасува, не само во Македонија, туку и на ниво на Балкан.
Истражувачкото новинарство е еден од најзначајните сегменти на медиумите воопшто. Тоа игра огромна улога во развојот на демократските процеси на секоја држава. Поттикнати од исклучителното значење на една ваква програма, УГД во партнерство со неколку еминентни меѓународни организации се вклучи во неколкугодишен процес на креирање на ваква студиска програма во рамките на студиската програма Медиумски студии и односи со јавноста која веќе постои на Правен факултет. Идејата е програмата да се однесува на втор циклус студии и да опфаќа различни аспекти од истражувачкото новинарство.
Програмата ќе се развива преку соработка со Универзитетот на Централна Европа (Central European University), а двете институции ќе размислуваат во иднина и за заедничка програма од втор циклус студии.
Програмата ќе се работи по претходно обемно истражување кое траеше неколку години, а го работеа партнерските организации во овој проект.
Покрај студиската програма за втор циклус студии, во рамките на овој проект паралелно се работи и на тренинг програма во рамките на Центарот за радио и ТВ на Универзитетот „Гоце Делчев“. Тренинг програмата ќе опфаќа онлајн обука и практична работа во медиумите на УГД, а исто така ќе биде работена со еминентни партнерски институции од регионот.
Проектот е финансиран од Европската Унија, а како партнери се јавуваат Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), Бирн ХАБ, Томсон Медиуа, Центарот за медиуми при Универзитетот на Централна Европа, БИРН Косово, Медиумската асоцијација на Југоисточна Европа од Црна Гора, Независниот синдикат на новинари и медиумски работници од Македонија, Асоцијацијата на новинари од Турција и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Македонија.