Среда, Април 24 2024
Следете нè

Започна „Танц фест“ – УГД и Универзитетот „Кодартс“ во Холандија добитници на наградата „Менада“

Во вторник, 4 април, на големата сцена на Македонскиот народен театар започна деветнаесеттото издание на фестивалот „Танц фест 2023“ под мотото „Танцувајќи создаваме иднина!“
На отворањето беа доделени наградите „Менада“ за поддршка на современиот танц,  на Универзитетот „Кодартс“ во Ротердам (Холандија), со кој Културниот центар „Интерарт“ соработува 15 години и со чијашто поддршка е основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава, и на  Универзитетот „Гоце Делчев“ на кој во 2017 година се вдоми Катедрата за современ танц.  Наградата за Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип ја прими проректорката за наука, проф. д-р Зденка Стојановска. Од Универзитетот „Кодартс“ - Холандија претставник беше директорот на Танцовата компанија „Кодартс“, Кит Рандолф.

- Сакам да го изразам задоволството што УГД го добива ова признание и што можам да ја изразам благодарноста до Холандската амбасада за поддршката на Катедрата за танц и за професорката Рисима Рисимкин. Нашиот Универзитет е мал, но има големо срце. Нашата најголема мисија е да пронаоѓаме таленти и да ги поддржуваме. Оваа награда е признание и потврда дека одиме и растеме во вистинска насока – изјави проф. д-р Зденка Стојановска.

Професорката Рисима Рисимкин им се заблагодари на Универзитетот „Кодартс“ - Холандија и на УГД - Штип, како и на публиката која е секогаш со „Танц фест“. Таа додаде дека УГД покажа исклучително чувство за современите уметнички форми и даде своја поддршка за развој на современиот танц во Македонија, преку оформување на Катедрата за танц во 2017 година, на Филмската академија.
По доделувањето на наградите, публиката имаше можност да ја види претставата „Таленти во движење“ на Танцовата компанија „Кодартс“ од Ротердам, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу Холандија и Македонија. Гостувањето на оваа извонредна компанија, со млади и несекојдневно талентирани танчари, е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и донесе повеќе кореографии од осум истакнати светски кореографи, како Ед Вубе, Кит Рандолф, Рој Асаф, Андонис Фониадакис, Мациеј Кузмински, Јарек Чемерек, Лоранд Захар и Весел ван Острум.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com