Среда, Август 17 2022
Следете нè

Студентите од Ликовната академија наслика мурал на нивниот објект

Минатата недела на објектот на Ликовната академија во центарот на Штип беше изработен нов мурал на површина од приближно 15m². Го изработија шест студенти од трета и четврта година на студиската програма по Класично сликарство, под менторство на проф. Јана Јакимовска, која е воедно и автор на скицата.

За студентите од четврта година ова беше проектна задача по предметот Ѕидно сликарство, а студентите од трета година се приклучија волонтерски и се стекнаа со едно ново искуство за работа во тим.

„Мотивот на муралот е тесно врзан со работата на Ликовната академија на УГД и со она што се случува ,од другата страна на ѕидот’, а ликовниот јазик е свесно поедноставен и стилизиран, за да можат рамноправно во изработката да се вклучат студенти со различни ликовни сензибилитети. Студентите кои работеа на муралот имаа можност да се запознаат со целиот процес на изработка на еден мурал, почнувајќи од пренесување на скица во размер, па сè до завршните финеси” - рече професорката Јакимовска.

Изработката на овој мурал беше дел од активностите врзани со петнаесетгодишниот јубилеј на постоење на Универзитетот „Гоце Делчев“, а истиот се совпадна со десетгодишнината од започнувањето на работа на студиската програма по Класично сликарство.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com