10 години по ред Медицинскиот факултет го организира својот Mеѓународен симпозиум по дентална медицина

10 години по ред Катедрата за дентална медицина при Факултетот за медицински науки организира Научен симпозиум по дентална медицина кој собира експерти и научници од целиот свет. Оваа година симпозиумот беше 12. по ред, на тема „СОВРЕМЕНИ ПРИСТАПИ ВО ТРЕТМАНОТ НА ПАЦИЕНТИ КОИ ПРИМААТ АНТИКОАГУЛАНТНИ, АНТИАГРЕГАНТНИ И АНТИХИПЕРТЕНЗИВНИ ЛЕКОВИ“.

- Учествуваме во едукација на докторите стоматолози од целата држава и регионот. Има присутни професори од нашиот факултет, а имаме и предавачи гости од Србија. Секоја година имаме нови теми и секоја година сѐ помасовна е посетеноста на симпозиумите - изјави проф. д-р Киро Папакоча од Факултетот за медицински науки.

Проф. д-р Горан Јовановиќ од Медицинскиот факултет во Ниш истакна дека ваквите симпозиуми придонесуваат за квалитетна наука и развој на факултетите, а воедно се пример како треба да се одвива соработката меѓу две научни институции.

- Драго ми е што сум предавач на овој симпозиум и што можам со колегите од Македонија да разменам искуства за проблематичните пациенти, а такви има сѐ повеќе. Гледам дека и вашите стоматолози се многу добро информирани со најновите референци за проблематичните пациенти - изјави проф. д-р Горан Јовановиќ

На настанот присуствуваа и експерти и научници од здравствените институции низ цела Македонија кои истакнаа дека Факултетот за медицински науки прави исклучителни напори науката и новостите да станат достапни до сите колеги.

- Посебна голема чест е што се дискутираше на тема за кардиоваскуларни заболувања и дентална проблематика.  Ова е проблем, не само во Македонија, туку насекаде во светот. Колегите кои се гости на овој научен настан многу помогнаа и придонесоа - изјави доц. д-р Тања Анѓушева од Клиничка болница „Жан Митрев“.

Настанот се одржа минатиот викенд во Мултимедијалниот центар на УГД, а покрај научниците присутни беа и бројни компании кои ги претставија и своите најнови производи, со цел да ги запознаат лекарите за достигнувањата во овој сегмент.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com