Четврток, Мај 2 2024
Следете нè

УГД со учество во Советот на Европската асоцијација на универзитети за докторско образование

Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип на состанок на тематската експертска група на Советот на Европската асоцијација на универзитети за докторско образование (EUA-CDE) „Профилирање и институционална поддршка на постдокторските истражувачи”, Универзитет во Виена.

Тематските експертски групи (TPG) организирани од Советот на Европската асоцијација на универзитети за докторско образование (EUA-CDE) им овозможуваат на членовите учеснички можности за заемно учење на избрани теми кои се од голем интерес за Европската академска заедница (EUA) и Европската истражувачка област (ERA). Тие придонесуваат за заедничка база на знаење за докторските образовни структури, политики и практики во Европа.

Насоката на вмрежување во Европската асоцијација на универзитети, креирање и имплементирање на европски образовни политики на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип продолжува понатаму со поддршка на ректорот, проф. д-р Дејан Мираковски.

Единствен претставник од универзитетите во регионот кој учествува во оваа експертска група е проф. д-р Ленче Милошева, редовен професор на Факултет за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Изборот е направен од страна на EUA-CDE, врз основа на апликација на професор д-р Милошева за учество на Универзитетот во креирање на нов официјален документ на универзитетите членки на Европската асоцијација на универзитети, Совет на докторско образование со понудени тези и решенија за поддршка и профилирање на постдокторските и млади истражувачи, нивната добросостојба и институционалната поддршка.

Првиот состанок од овој проект се одржа на 16 и 17. Февруари 2023 год. на Универзитетот во Виена, Австрија. Тематската експертска група EUA-CDE за 2023 година е посветена на темата „Профилирање и институционална поддршка за постдокторски истражувачи“.

Главните цели на експертската група се:

  • Заемно учење: дискусија и истражување на факторите за успех и областите за подобрување во структурите, политиките и практиките на докторското образование во Европа;
  • Заедничка база на знаење: придонес кон заедничка база на знаење за докторското образование во Европа преку идентификување на клучните научени лекции за избраната тема.

Главните теми на кои се работеше беа: дефинирање на профилот, потребите, добросостојбата и истражувачките услови на постдокторандите (научни истражувачи); професионалниот и личен развој и поддржувачките ресурси и сервиси и инструменти на институциите; Улогата на постдокторандите во академската заедница и надвор од неа.

Вториот состанок ќе се одржи на Годишно собрание на EUA-CDE во јуни 2023 г., на Универзитетот во Хелсинки и Универзитетот Лахти во Финска, на кое сите членови треба да донесат изработени предлози и понудени решенија за проблематиката на којашто ќе работат.

Ова е продолжение на претходната апликација на Универзитетот „Гоце Делчев“  - Штип и проф. д-р Ленче Милошева, која исто така учествуваше и во креирање на документот на Европската асоцијација на универзитети за новата европска визија на докторското образование, што беше презентиран на Годишниот состанок на EUA-CDE во Манчестер, во јуни 2022 г.