Студентка од Машински факултет е промовирана како една од двааесетте студентки од инженерските факултети на државните универзитети во земјава на иницијативата Global Engineer Girls - North Macedonia

Студентката Бојана Стојанова од Машински факултет на 21 март 2023 г. е промовирана како една од дваесетте студентки од инженерските факултети на државните универзитети во земјава на иницијативата Global Engineer Girls - North Macedonia, што ја спроведува Групацијата „Лимак“ во партнерство со Министерството за образование и наука и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија. 

Од 169 студентки по инженерство, кои се пријавиле за програмата, изборот е направен врз основа на академски достигнувања на кандидатките и вклученоста во дополнителни активности. Студентките се избрани од електротехничките, машинските и градежните факултети, како и факултетите за информатички технологии и секоја од нив добива стипендија и поддршка – ментор што ќе ја води низ студиите, дополнителни обуки за развој на специфични кариерни вештини и знаења, како и можност за практикантска работа.

Главна цел на иницијативата Global Engineer Girls (GEG) е да обезбеди поддршка за девојките и младите жени и да го зголеми нивното учество во СТЕМ-областите (наука, технологија, инженерство и математика), каде што историски доминираат мажите, да го намали родовиот јаз во овие области и да ја зголеми родовата еднаквост во општеството.

Машински факултет ѝ честита и ѝ посакува многу успех понатаму!