Преку 20 студенти од цела Европа во следниот семестар ќе следат настава на УГД преку програмата Еразмус

Преку 20 студенти од многу европски држави денес имаа церемонија на добредојде на Универзитетот „Гоце Делчев“. Добредојде им посакаа проректорката за меѓународна соработка, проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, студентите на УГД, како и дел од тимот на Канцеларијата за меѓународна соработка при Универзитетот. Студентите споделија многу интересни приказни, се запознаа меѓусебно и имаа ден за ориентација. Особено интересно беше што двајца од студентите по вторпат го избрале УГД како место каде што ќе поминат Еразмус размена.

- По втор пат сум во Штип, на истиот Универзитет, и навистина имам убаво искуство овде. Ова е мое трето Еразмус искуство, две од овој Универзитет и едно од универзитет во Шпанија. Македонија е убава земја, има многу работи што можат да се видат. Универзитетот посветува многу внимание на практичната настава, нешто што недостасува на мојот универзитет во Италија - вели Алесандро Лаи од Универзитетот „Сасари“ во Италија.

Проректорката на УГД на сите им посака добредојде и им порача дека во наредниот период УГД ќе биде нивни партнер:

- Се надевам дека ќе поминете добро во наредните неколку месеци овде во Македонија. Ние сме благодарни и почестени што од сите универзитети во Европа, вака голем број студенти го избрале токму Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Годинава има студенти од Шпанија, Италија, Полска, Турција и Литванија. Сите се на различни факултети, а УГД годишно прима преку 50-тина студенти преку програмата Еразмус.

- Првпат сум во Македонија и досега е многу интересно. Луѓето се љубезни, добро е организирано и се надевам ќе научиме многу - вели Ивета Сареико од Универзитетот „Вилнус“ во Литванија.

Дел од искуствата на студентите и причината што го избрале Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе погледнете во видеото во продолжение.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com