Студентите од ФОН, покрај теоретска настава, посетуваат и образовни институции и во странство

Студентите од Факултетот за образовни науки, во рамките на соработката со НВО Лоја од Тетово, работат на дополнителна теоретска и практична едукација на своите студенти. Станува збор за активности во рамките на проектот „Втемелување на мултиетничката младинска работа во наставната програма на универзитетите за идните наставници".  

Во рамките на овој проект кој започна од 2008 година, секоја година студентите имаат теоретска обука од проф. д-р Даниела Коцева, проф. д-р Снежана Мирасчиева и проф. д-р Емилија Петрова-Ѓорѓева. Покрај теоретските предавања селектираните студенти одат на дополнителни обуки кои се реализираат од страна на НВО „ЛОЈА“ во траење од 5 дена во Охрид. Имаат основен курс и напреден курс на обуки.

Откако студентите ќе ги поминат овие обуки се пријавуваат за студиска посета во странство. Секоја година е различна држава/град. Оваа година тоа беше Австрија-Виена.

- Се запознавме со различниот модел на работење и систем на кој работат тамошните образовни институции. Се надевам дека тоа што го видов таму успешно ќе го искористам во текот на студиите, а подоцна можеби и во мојата работна професија. По секоја посета во училиштето имавме рефлексија, односно разговор за тоа што сме забележале таму, што ни остави најмногу впечаток, што ни се допадна, а што не и слично. Бевме во посета на Педагошкиот универзитет „Padagogische Hochschule Wien”. Најпрвин имавме кратка прошетка низ универзитетот, а потоа присуствуваме и на предавање. Бевме директно вклучени во предавањето, така што учествуваме во креирањето на настан (приказна) преку слики, темата беше ономатопеја - изјави студентот Љубомир  Јовановски од Факултетот за образовни науки.  

Во суштина проектот подразбира пакет на методи за сензибилизација на идните наставници и нивна обука како да се справуваат со ситуации кога еден ден ќе работат во образование.

- Студиската посета ни овозможи нам студентите развивање на заеднички активности / практики во општеството кои помагаат во надминувањето на етноцентрична поделба во јавниот живот и придонесува за процесот на помирување и надминување на различностите, како и размена и соработка за одржлив мир во рамките на една земја и на регионално ниво. Во таа насока посетиме институции поврзани со трансформацијата на конфликтите и човековите права. Оваа студиска посета нудеше и можност за учење на историјата, културата и мултикултурата на Виена и Австрија, и како истата функционира во образовниот систем на Австрија и можностите што тој ги нуди како таков - вели Јовановски.

Освен студентите на студиски престој во рамките на овој проект заминуваат и професорите кои се вклучени како експерти за одделни теми и предавања.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com