Четврток, Мај 2 2024
Следете нè

По петти пат се одржа First Lego League – темата годинава беше енергија

Во саботата во Кампус 2 на УГД се одржа националниот натпревар „Прва лего лига“ (First Lego League). На националниот FIRST® LEGO® League натпревар за деца од 9 до 16 години,  осум тима од Скопје, Кочани и Тетово се натпреваруваа во четири категории: Роботска игра, Дизајн на робот, Иновативен проект на тема Енергија и Основни вредности. Натпреварот заеднички го организираа Здружението за едукација и иновативно учење „Академија за роботика и иновации“ - Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ со Факултетот за информатика. Натпреварот помина во одлична атмосфера низ игра, музика и забава. Покрај родителите на натпреварувачите, многу наши сограѓани со нивните деца ги бодреа натпреварувачите. Судиите и оценувачите на натпреварот беа волонтери од редот на професори од УГД, Ротари клуб Штип, Ротари клуб Кочани-Виница и новинари, а за регуларноста на целиот натпревар се погрижија и тројца претставници на оперативниот партнер на FLL од Грција.

Тимовите работea на темата Глобални предизвици поврзани со целите на одржлив развој на Обединетите нации, со фокус кон обезбедување прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите. Гордан Анастасов, директор на „Прва лего лига“, изјави дека петта година по ред настанот е во организација на Академијата за роботика и иновации, а коорганизатор е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

- Чест ми е што оваа година имаме некој мал јубилеј, петта година како во нашата држава се одржува ова натпреварување. Ова повеќе е дружба и начин на живеење на учениците преку Лего лигата. Оваа година имаме осум екипи. Знаете дека сите ние правиме една многу благородна работа за нашите ученици и затоа се надеваме дека нашето FIRST LEGO лига (ФЛЛ) семејство од година во година ќе расте и ќе живеат FLL вредностите - вели Анастасов.

Универзитетскиот професор на Факултетот по информатика на УГД-Штип, проф. д-р Александра Милева вели дека овој натпревар на учесниците им овозможува стекнување вештини и способности неопходни за живот на 21 век, додека  креативноста и критичкото размислување се главните цели на овој натпревар. Натпреварот е за деца од 9 до 16 години, кои се натпреваруваат тимски.

- Овој натпревар е значаен затоа што прво ги развиваат своите технолошки вештини, учат како да изградат робот, како да го испрограмираат, да се натпреваруваат со робот, учат како да истражуваат на некоја тема, некој проблем, да решаваат проблеми. Се учат како да го презентираат тој проблем пред експерти поврзани со тој проблем, но најважно е дека ги градат своите основни вредности, учат како тимски да работат, како да го ценат своето време и времето на другите, како да другаруваат меѓу себе, да си помагаат - рече Милева.
Учесниците на овој натпревар велат дека за вакво нешто треба многу истражување и подготовка, што, пак, за нив бил многу интересен процес. Посочија дека активноста е начин да се научи нешто, но и забава.

Иако на овој натпревар сите учесници се победници, бидејќи цела година учат, решаваат проблеми, дизајнираат робот, програмираат и се дружат, на крај беа прогласени следните победници:

  • Победник на лига: The MAKBotPioneers од СОУ „Ѓошо Викентиев", Кочани;
  • Победник во категоријата Роботска игра: SPACE WALKERS од СТЕМ Академија, Скопје;
  • Победник во категоријата Иновативен проект: HyperBot од YAHYA KEMAL COLLEGE – Тетово;
  • Победник во категоријата Дизајн на робот: Robo Mosquitos од Кочани;
  • Победник во категоријата Основни вредности: NR NR од YAHYA KEMAL COLLEGE – Скопје.