Сабота, Април 27 2024
Следете нè

Јубилејно, десетто издание на Конференцијата „Општествените промени во глобалниот свет“

На Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се одржа десеттата по ред Меѓународна научна конференција  „Општествените промени во глобалниот свет”.

Конференцијата се одржува во континуитет десет години по ред. Интересот за учество на истата од година во година се зголемува. Оваа година учествуваат над 80 професори и научни работници од повеќе универзитети во државата и  ширум земјите во светот. Сите овие истражувања од свој агол на оригинален начин ги отсликуваат општествените промени кои актуелно се случуваат во светот и истите ќе останат запишани во над 800  рецензирани страници содржани и објавени во двата дела на Зборникот на трудови од конференцијата и еден зборник на трудови на млади истражувачи.

Оваа година, главни говорници на свеченото отворање на конференцијата се проф. д-р Кристин Менгес Л Пап од Универзитетот Капитол во Тулуз, Франција, која ќе говори на тема „Принцип на еднаквост, историски развој и неговата противречност" и проф. д-р Алан Узелац од Правниот факултет во Загреб, кој ќе говори на тема „Градење на систем за бесплатна правна помош во Хрватска: од најлоши до најдобри практики".

- Kонференцијата ќе се одвива во 5 секции, секција право, која ја поделивме на јавно и приватно право поради големиот број на учесници, мултидисциплинарна секција на англиски јазик, секција, политика, општество, медиуми и комуникација и секција за бесплатна правна помош - изјави проф. д-р Милица Шутова од Правен факултет.

- Ние со позитивен став гледаме на интеграцијата на Македонија во ЕУ и нашиот универзитет во Тулуз сака како прв чекор кон таа интеграција да ги доближи македонските универзитети до нашиот универзитет и универзитетите во Франција – изјави проф. д-р Кристин Менгсес Л Пап. 

- Хрватска има добро искуство со бесплатната правна помош, а меѓу факторите кои најмногу придонесуваат за тоа е Правната клиника на Правниот факултет на Универзитетот во Загреб  - изјави проф. д-р Алан Узелац.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com