Сабота, Април 27 2024
Следете нè

На УГД презентиран проектот „Справување со загадување на воздухот“, во следна фаза ќе се работи на намалување на загадувањето во училишта, градинки...

На Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип се одржа презентација на Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, финансиран од Шведска и имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и УГД. Проектот ќе се спроведува во пет пилот општини во Северна Македонија, каде што ќе се фокусира на откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, како и на идентификување, планирање и имплементирање на соодветни мерки за справување со загаденоста.

Проектот претставува продолжување и надградба на првата фаза која беше спроведена во скопската населба Лисиче, но со засилен и зголемен концепт, кој сега ќе се примени во пет урбани центри во државата, кои исто така се соочуваат со предизвикот на загаденост на воздухот: Кавадарци, Гостивар, Куманово, Струмица и Струга.

На денешната презентација се обратија претставници на сите институции вклучени во проектот. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова изрази задоволство од посетата на место каде што има партнер во реализацијата на проектот.

„Задоволство е кога ќе посетите место каде што гледате дека имате партнер кој ви помага во имплементирање на законите и секако во имплементација на директивите во нашиот пат кон ЕУ. УГД од поодамна е партнер на Министерството, особено во делот на идентификување на загадувањето на воздухот и детерминирање на мерки за нивно надминување. Оваа пригода ја користам да  се заблагодарам и на Кралството Шведска кое финансиски го помага проектот, како и на Канцеларијата на УН ДП во Скопје, која помага во имплементирањето на проектот. Ова е само една од низата активности и проекти кои ги спроведуваме за да ги идентификуваме состојбите со воздухот, но и да имплементираме мерки кои ќе го намалат загадувањето на воздухот“ – изјави министерката Шукова.

Амбасадорката на Кралството Шведска во Македонија, Ами Ларсон Јаин, се задржа на загаденоста на воздухот во земјите од Западен Балкан, каде што е повисока отколку во останатите земји во ЕУ.

„Во Западен Балкан населението е изложено на многу високи концентрации на загадување на воздухот, дури пет пати повеќе од земјите во ЕУ. Шведската поддршка за Северна Македонија, која годинава изнесува 8 милиони евра, е насочена кон исполнувањето на сеопфатните цели на патот на земјата кон пристапувањето во ЕУ.  Придонесот на Шведска има особена нагласеност кон загадувањето на воздухот. За нас од клучна важност е граѓаните во Скопје и другите општини вклучени во проектот да ги чувствуваат како свои нашите реформски проекти на соработка и сакаме и имаме потреба од посветени партнери“, рече амбасадорката на Кралството Шведска.

Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП, напомена дека ова е втора фаза од проектот, кога се вклучуваат нови пет општини, во кои заедно со научната фела, преку УГД, и со јавноста, ќе се подобруваат состојбите со аерозагадувањето како надвор, така и во затворени простории.

„Ова е дел од новиот програмски пристап кој УНДП заедно со Шведска го зазедоа во имплементирањето на проектот. Ова ни овозможува да бидеме посеопфатни и поинтензивно да се справуваме со загадувањето на воздухот во Северна Македонија. Една од важните компоненти, покрај вклучувањето на науката, е и учеството на јавноста. Ќе се обратиме до граѓаните на петте општини, кои ќе учествуваат со свое видување на проблемот. Ќе се осврнеме на аерозагадувањето не само надвор, туку и внатре. Како што покажаа истражувањата, загадувањето на воздухот во затворени простории е многу важен фактор врз здравјето на луѓето. Секоја од петте општини учеснички во проектот ќе добие финансиска помош за решавање на барем еден проблем со загадувањето на воздухот. Некои од мерките кои сакаме да ги имплементираме се заменување на грејните системи во училиштата и во градинките, мерки за енергетската ефикасност во јавните објекти, проширување на велосипедските патеки и проширување на градското зеленило“.

Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, изјави дека за УГД од особено значење е што може да соработува со УНДП и Кралството Шведска и заедно да работи на решавање на така важни проблеми, како што е аерозагадувањето, истовремено преку проектот стручно и научно да се усовршува и надградува.

„Денес ја презентираме моменталната состојба на проектот пред амбасадорката на Шведска и претставникот на УНДП. УГД во овој проект работи на два дела фокусирани на идентификација на изворите на загадување и на квалитетот на воздухот во затворени простории. Овие проекти ни овозможуваат значително да го зголемиме капацитетот на научни анализи кои може да ги спроведуваме, но и да ни овозможуваат да обезбедиме податоци за креаторите на политиките и за локалните самоуправи кои ги контролираат училиштата и просториите во кои се вршат анализите, да обезбедиме информации што ќе им овозможат многу поефикасни мерки за намалување на аерозагадувањето. Ние ќе го мериме квалитетот на воздухот во училници и простории за престој на деца. Ова е релативно нова активност, ние имаме правено анализи и тестови за да ја провериме изводливоста на постапките, мерењата, нивната точност. За првпат во Македонија се спроведува помасовно истражување од овој тип, во кое може прецизно да се дефинираат и квалитетот на воздухот, но и изворите кои го загадуваат воздухот во затворените простории“ – изјави ректорот Мираковски.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com