Четврток, Мај 2 2024
Следете нè

Новогодишен концерт и завршни концерти на Музичка академија на УГД

Музичката академија на УГД годината ќе ја заврши со голем Новогодишен концерт, како и со неколку завршни концерти од циклусот „Виртуозо“, најави деканката на Музичката академија, проф. д-р Златка Митева.

 - Го започнуваме новиот циклус на концерти „Виртуозо“. Сакаме да бидат препознатливи под овој назив во јавноста и да претставуваат еден концертен подиум за младите уметници, за студентите и професорите. Концертите ќе се одржуваат во различни термини од годината и на различни локации доколку има услови за тоа. Годинава ги започнуваме овде, на Музичката академија на УГД, со настапот на студентите од Одделот за етнокореологија, Катедра за традиционални инструменти, од класата на проф. д-р Горанчо Ангелов. Во вторник, 20 декември, е концертот на студентите од Вокално-инструменталниот оддел, а во среда се студентите од Катедрата по камерна музика – најави деканката на Музичка академија, проф. д-р Златка Митева.

По одржувањето на овие три концерти на Музичка академија, во четврток, 22 декември, со почеток во 19 часот се одржува и голем Новогодишен концерт на Музичка академија (Мултимедијален центар на УГД, Економски факултет).

 - Новогодишниот концерт на студентите од Музичка академија на УГД е под наслов „Диши музика“. Претходно во фоајето на Економски факултет ќе има изложба на Одделот за етнокореологија, како и свечено доделување на дипломи на завршените студенти, по што публиката ќе може да ужива во програмата што ја подготвивме за Новогодишниот концерт – изјави проф. д-р Митева.