Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

Претставници на Универзитет „Гоце Делчев” – Штип присуствуваa на Меѓународната конференција – 10 години национална рамка за квалификации

На 19.10.2023 г. во просториите на Клубот на пратеници во Скопје се одржа Меѓународната конференција – 10 години национална рамка за квалификации. На Конференцијата присуствуваа проректорот за инвестиции и развој на Универзитетот „Гоце Делчев” - Штип, проф. д-р Дарко Лазаров, проф. д-р Лилјана Колева-Гудева, претседател на Комисијата за издавачка и нормативна дејност при УГД и проф. д-р Татјана Атанасова-Пачемска, член на Советот за Национална рамка за квалификации (НРК).

Стратешките цели на Националната рамка за квалификации се однесуваат на поддршка на доживотното учење и поттикнување на култура на доживотно учење, интеграција и хармонизирање на системот на квалификации со Европската рамка за квалификации за доживотно учење, како и подобрување на транспарентноста и пристапот за квалификации.

Националната рамка за квалификации е исклучително важна за академските институции, бидејќи придонесува кон подобрување на квалитетот на академските програми и промовирање извонредност во наставата и учењето, дизајнирање кохезивни наставни програми и напредок на студентите преку јасно дефинирани нивоа на квалификации и резултати од учење, како и подобро вреднување на знаењето и вештините стекнати преку различните форми на образование. Истовремено, националната рамка на квалификации обезбедува рамка за мониторинг и евалуација на ефективноста на политиките во образованието и на тој начин придонесува во креирање на подобри образовни политики.

Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип преку постојано надградување на своите наставни програми и нивно приспособување со реномирани светски универзитети и со потребите на пазарот на труд во земјата ја исполнува својата мисија за обезбедување на модерно знаење за нашите студенти со цел нивна поголема вработливост на пазарот на труд.