Сабота, Декември 21 2024
Следете нè

Започна академската година на УГД, почеток со акцент на општествената одговорност и грижата за студентите и младите

На отворено, симболично во знак на збогување со тешките ковид години, со Бруцошка забава започна новата академска година на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Ректорот, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека УГД ќе биде општествено одговорна организација која ќе го поддржува најдоброто во нашето општество, а истовремено ќе одговори на потребите и барањата на студентите и на општеството:

- Овој прв академски час го организираме на отворено, симболично, како еден вид добредојде на нашите бруцоши. Во рамките на оваа бруцошка забава за првпат организираме и доделување на признанија за поддршка на млади таленти, со што сакаме на младите таленти да им овозможиме еден вид признание, но и да ги идентификуваме и да ги насочиме кон поголеми успеси во нивниот професионален развој. Сакаме да го вклучиме Универзитетот како општествено одговорна организација, кон поддршка на најдоброто во нашето општество, и се надевам дека тоа ќе стане континуирана практика во која ќе можеме и во идно време да го поддржуваме и стимулираме развојот на нашите идни студенти. На бруцошите би сакал да им посакам срдечно добредојде, се надевам дека Универзитетот ќе биде место во кое покрај учењето, покрај библиотеките, амфитеатрите и предавалните ќе можат да склучат многу нови пријателства, ќе поминат многу пријатни моменти, и оттука ќе излезат како академски граѓани, градители на нашето општество, бидејќи просперитетно општество може да се гради само со образована младина, а образованието не е само знаење туку е еден вид поттик за акција и се надевам дека токму тоа ќе го добијат на нашиот Универзитет.

За жал, живееме во доста неизвесно време и многу предизвици се пред нас и пред нашите млади студенти. Секоја криза, секоја неизвесност е токму време кога треба да бидеме најупорни и да си ги надминеме нашите сопствени граници. Тука и јас како ректор и вработените на УГД ќе бидеме подготвени стратешки да одговориме на потребите на студентите, но и на потребите на општеството, во овие тешки времиња.

Би сакал на студентите да им посакам успех во учењето и успешна 2022/2023 година – изјави ректорот на Универзитет „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски.

Во рамки на настанот, ректорот на Универзитетот, проф. д-р Дејан Мираковски им додели признанија и вредносни ваучери од 15.000 денари на млади таленти од нашата држава, меѓу кои:

  1. Ивана Мазнејкова, област: уметност;
  2. Дамјан Давков, област: природни науки;
  3. Амир Дестинов, област: природни науки;
  4. Марко Пејчиновски, област: спорт.

Со ова, Универзитетот најавува воведување на мерки за континуирано следење и поддршка на млади таленти, на најдобрите студенти и на социјално ранливите категории, со цел да се унапредуваат општествените услови во кои младите ќе имаат поголеми шанси за реализирање на својот потенцијал.

Својата општествена одговорност и грижа за студентите, на првиот академски час УГД ја покажа и со доделувањето на вредносни ваучери на десет бруцоши, одредени по случаен избор.

Новите студенти на УГД имаа можност да слушнат и инспиративни приказни од студенти кои за време на студирањето се оствариле себеси во одредена област, за што Универзитетот нуди одлични можности.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com