Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

„Во амфитеатар со“ проф. д-р Александра Милева

Име и презиме: Александра Милева

Факултет каде што предавам, титула и област на специјализација:
Факултет за информатика, редовен професор, област безбедност на компјутерски системи и мрежи и криптографија.

Образование:
Основно и средно образование завршив во Штип. Во 1998 година дипломирав на Институтот за информатика, Природно-математички факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. На истиот факултет магистрирав на насоката Сметачко-комуникациони мрежи во 2004 година, а потоа во 2010 година и докторирав на тема „Криптографски примитиви со квазигрупни трансформации”, под менторство на проф. д-р Смиле Марковски.
Во врска со неформалното образование, имам учествувано на повеќе тренинзи, обуки и работилници од кои би го издвоила последниот тренинг „Assessing and Exploiting Control Systems and IIoT” во рамките на Black Hat Europe 2022 конференцијата што се одржа во Лондон, Велика Британија, во декември 2022 г. (со поддршка на Стејт Департментот на САД).

Краток професионален профил:
По завршувањето на моите студии, неколку семестри бев демонстратор на Институтот за информатика, Природно-математички факултет при УКИМ, а во исто време почнав и да волонтирам на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Во април 2001 година бев избрана за соработник со звање помлад асистент на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. По формирањето на УГД преминав како асистент на новоформираниот Факултет за информатика, каде што работам до ден-денес. Неколку семестри бев и онлајн предавач на Šiauliai универзитетот и Panevėžio kolegija во Литванија.
Во моментов сум раководител на Лабораторијата за компјутерска безбедност и дигитална форензика, шеф на Катедрата за компјутерски технологии и интелигентни системи и продекан за наука на Факултетот за информатика. Вклучена сум во најголем дел од активностите на факултетот и се обидувам да придонесам најмногу што можам во подобрувањето на квалитетот на образовниот процес, научноистражувачката работа, но и остварувањето на соработка со ИТ компаниите, државните институции и другите универзитети.
Автор или коавтор сум на над 100 научни и стручни трудови, учебници и учебни помагала од соодветната област, а имам учествувано како раководител или истражувач на повеќе меѓународни проекти и две COST акции. Оваа година сум Conference chair на Европската меѓународна конференција за сајбер безбедност (European Interdisciplinary Cybersecurity Conference - EICC 2023), што ќе се одржи во јуни 2023 г. во Норвешка.
Од 2014 г. сум експерт евалуатор за предлог-проекти од програмата Horizon 2020 и Horizon Europe, а сум работела како експерт и на мониторинг на проекти од истата програма. Бев член на Advisory Board на Horizon 2020 проектот SIMARGL.
Од 2019 г. сум избран член на EURASIP Special Area Team (SAT) on Biometrics, Data Forensics, and Security (BForSec), а од 2018 г. сум член на American Mathematical Society со неколку рецензии објавени во Mathematical Reviews. Член сум и на IEEE.

Во три збора би се опишал/а себеси како:
Упорна, правдољубец и човек од акција.

На УГД се вработив (кога и како):
На УГД сум уште од неговото формирање во 2007 година, кога Рударско-геолошкиот факултет автоматски стана дел од новиот Универзитет.

УГД ми помогна во мојот професионален развој преку:
Доколку човек сака да работи, постојат многу можности за професионален развој на УГД. Еден период имаше проекти финансирани од УГД, и во денешни услови, кога за наука се издвојува многу малку во нашата држава, овој фонд на мене и моите колеги неколку години ни помогна во истражувањата. УГД ми овозможи да учествувам во повеќе меѓународни и домашни проекти, конференции и работилници, да бидам дел од организација на хакатони, натпревари, конференции, да бидам коавтор на учебници и учебни помагала, да бидам дел од процесот на донесување на одлуки, како и креирање студиски програми и политики за нашиот факултет, да остварам соработка со многу мои колеги од светот, со кои денес имам и заеднички трудови и предлог проекти, да бидам ментор на магистранди и докторанди, да отворам лабораторија и др.

Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа:
Отвореноста за разговор и соработка со менаџментот на УГД и менаџментот на Факултетот за информатика, но и сите можности за професионален развој што се нудат на УГД. За разлика од другите професори на УГД, јас имам два различни колективи со колеги кои многу ги сакам и почитувам, едниот е бившиот Рударско-геолошки факултет каде што работев до 2007 година (сега дел од ФПТН), а другиот е сегашниот Факултет за информатика.

Омилен дел од мојата работа:
Најомилен дел од мојата работа е кога ќе дознаам колку успеале нашите бивши студенти во нивниот професионален развој и нивната кариера. Секоја средба или разговор со некој од нив, или секоја убава вест за нив, ме прави горда на сите нив и мило ми е што сум имала можност барем на некој начин да придонесам во нивното образование. Иако сме релативно млад факултет, веќе имаме наши магистри и доктори на науки, но и бивши студенти кои магистрирале и/или работат на докторат на неколку универзитети во Европа. Имаме студенти кои отвориле свои ИТ фирми и вработиле други наши студенти. Голем дел од нашите студенти се вработени во ИТ компании од земјава или светот. Работата од дома овозможи дел од нив да се во Македонија, а да работат за странски компании. Но, дел од нив ја напуштија Македонија и живеат и работат на струката во странство.

Од професионални достигнувања издвојувам:
Во рамките на мојот докторат бев еден од главните дизајнери и имплементирачи на NaSHA фамилијата на хеш функции, која стана еден од 64-те кандидати во првата рунда на NIST SHA-3 Competition (2007-2012). За мене прво успех беше што успеав да го изработам докторатот со две мали деца, но уште повеќе што нашата хеш функција ја презентирав на работилница во Лувен, Белгија, пред најголемите криптографи што постојат денес, како Ron Rivest, Adi Shamir, Bruce Schneier, Vincent Rijmen и други.
Дел сум од тимот на меѓународниот проект Information Hiding Patterns Project, каде што покрај неколкуте стеганографски истражувања направивме нова таксономија на облици за криење која во иднина треба да се применува во сите поддомени на доменот криење на информации (поднесена за објавување).

Методологија која ја користам во работата со студентите:
За студентите од прв циклус обично користам теоретски предавања со обиди за постојана интеракција со студентите, аудиториски и практични лабораториски вежби. Барам да работат тимски на проекти, да испробаат најразлични алатки кои може да им користат, а понекогаш се трудам и да донесам некој експерт од праксата, како што во минатото беа експертите за дигитална форензика од нашето Министерство за внатрешни работи или вработените од нашиот ИТ центар.

Најважно во работата со студентите е:
Да го почитуваме студентот како личност, да разбереме дека и тој како и сите ние минува низ животот со сите предизвици, препреки и проблеми пред него, и секогаш кога можеме да му излеземе во пресрет (до разумна граница), без разлика дали станува збор за разговор, одлагање на испит, давање втора можност, оправдување на отсуство, помош во наоѓање на работа или слично. Но уште повеќе, работата ме научи дека колку повеќе бараме од студентите да изработат (повторно до некоја разумна граница) во рамките на предметите, толку повеќе и ќе добиеме подобри резултати и студентот повеќе ќе научи.

Животна мудрост која ја споделувам:
 Ќе дадам две:

  1. Знаењето е моќ.
  2. Информатичките факултети нѐ учат дека една задача, колку и да е тешка, ако ја разделите на помали подзадачи и секоја од нив ја решавате посебно ќе може да ја решите и тешката задача. Чудно е, ама ова многу пати сум го применувала и на животните проблеми и задачи.

Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачал/а:
Книга за студентите - секоја книга за технологија или програмски јазик или компјутерска парадигма кои сакате да ги научите. За сите – „Кратка историја на времето” од Стивен Хокинг и „12 правила на животот” од Џордан Питерсон.
Видео – видеата од предавањата на конференциите како Black Hat, DEF CON и други.
Филм -  јас сум од тие што гледаат повеќе серии од филмови. Моментално би ја препорачала серијата „Alice in Borderland”
Поткаст – поткастот на Joe Rogan со различни познати гости.
Настан – Black Hat конференциите и тренинзите.

Совет за младите како идни студенти:
Вистинското знаење е нешто што никој не може да ви го одземе и секогаш ќе излезе на виделина и ќе ви помогне во животот. Вложувајте во своето знаење колку што можете повеќе, без разлика дали ќе се подготвувате за испит, ќе читате слободна литература или ќе посетете обука или тренинг. Истражувајте, бидете храбри и луѓе од акција, не плашете се да ги искористете можностите кои животот ви ги нуди, бидејќи за да успеете мора прво да се обидете!

За повеќе информации за можностите што ги нуди УГД, посетете ја нашата веб-страница:

https://www.ugd.edu.mk/index.php

Дополнителни информации за професорите на УГД може да најдете на следниов линк:

https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka

Детални информации за студиската насока и факултетот се достапни на следниов линк:

http://fi.ugd.edu.mk/studii/prvCiklus

Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк:

https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka