Вторник, Декември 3 2024
Следете нè

Одбележан Денот на полето – ден посветен на значењето и користењето на сертифициран семенски материјал

На ден 6.6.2023 г., во село Новосељане, Кумановско, се одржа традиционалната манифестација „Ден на полето“ во организација на Комбинатот „Клечовце“ и „Агростарт“. Тој ден е посветен на значењето и користењето на сертифициран семенски материјал, како и избор на ѓубрива, заштита и современа и прецизна механизација за едно квалитетно земјоделско производство.

Настанот „Ден на полето“ беше одбележан со присуство на бројни претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, високообразовните институции, производители, дистрибутери на средства за заштита и прихрана, земјоделци, како и членови на задругата „Агростарт“.

Свое обраќање на традиционалниот настан Ден на полето во организација на г. Бубе Трајковски, сопственик на ТД ДЗП „Клечовце“, имаше и деканката на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Емилија Арсов, која го потенцираше значењето на соработката помеѓу науката и праксата, посебно во услови на климатски промени и исклучително важна производствена година, во која особено внимание треба да се посвети на заштита на растенијата.

Едуцирани млади луѓе кои ќе го продолжат семејниот бизнис и производството можат да придонесат за значително подобрување и усовршување на земјоделското производство.

Како и до сега, и понатаму нашиот факултет нуди на располагање научно-стручен кадар, студентски и инфраструктурен потенцијал за спроведување и реализација на поставените цели, за квалитетно и високоприносно земјоделско производство.

На земјоделските производители искрено им посакуваме успешна работа, бериќетна жетва, да се зачува родот од временските неприлики и да имаат одличен принос.