Сабота, Декември 21 2024
Следете нè

Економскиот факултет го одбележа Денот на сметководителите преку истакнување на важноста на оваа професија

Традиционално, Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ го одбележа 10 ноември, Денот на сметководството. На настанот беа присутни голем број студенти, професори и гости сметководители кои ја истакнаа важноста на професијата и иднината на сметководството.

Настанот го отворија проф. д-р Весна Ѓорѓиева-Свртинов и проф. д-р Емилија Митева-Кацарски од Економски факултет.

Проф. д-р Благица Колева ги истакна предизвиците со кои се соочува сметководствената професија во Македонија, а воедно ја истакна и важноста од оваа професија кај сите сектори во општеството.

На настанот беа присутни и гости-предавачи кои имаа за цел да споделат поенти и идеи за унапредување на оваа професија и да ги поттикнат младите да се вклучат во професијата сметководител. Гости-предавачи беа: Коста Костадиновски, член на Советот за унапредување и надзор на сметководствената професија, Весна Филипова, директор на Дирекцијата за финансии, сметководство и контрола на Народната банка на РС Македонија и Анита Миланова, студентка на постдипломски студии на Економски факултет на УГД.

„УГД го чувствувам како мој дом, со оглед на тоа што овде го продолжив моето студирање. Образованието и знаењето кое ќе го стекнете на Економскиот факултет е од огромно значење за вашата идна кариера“, истакна студентката Миланова.

На настанот се одржа и панел-дискусија на која главна тема беше сметководствената професија, перспективите и предизвиците. Панелисти беа: проф. д-р Јанка Димитрова од УГД, Весна Прентоска, претседател на Институтот за сметководители и овластени сметководители, Драган Димитров, претседател на Институтот за овластени ревизори, Благоја Грозданов, претставник на Комората на сметководители, Никола Митев, советник на Друштво за сметководствени работи, Симона Трајкова и Вероника Гравчева, овластени сметководители.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com