Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Мултидисциплинарна меѓународна научна конференција „ЕУ е-здравствено право и jавното здравје“

Во периодот од 26 до 30 септември во Хотел „Белви“ во Охрид, во организација на Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип, се одржа Мултидисциплинарна меѓународна научна конференција под назив „ЕУ е-здравствено право и јавното здравје“, како дел од активностите на Жан Моне проектот „ЕУ е-здравствено право и Северна Македонија: Од тековна пракса до имплементација“ (ЕУЕХЛ).

На конференцијата присуствуваа повеќе од 45 меѓународни и национални професори, експерти, практичари и истакнати професионалци од повеќе земји од светот (САД,  Португалија, Шпанија, Франција, Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, Бугарија, Турција, Србија и Македонија). Од Универзитет „Гоце Делчев“ учествуваа професори од Правниот факултет, Факултетот за образовни науки, Факултетот за информатика и Факултетот за медицински науки. Со своите презентации говорниците придонесоа за креирање на мултидисциплинарна академска дебата за глобалните здравствени политики и ЕУ e-здравствени политики, здравственото и е-здравственото право, биоетиката, како и теоретската и практичната примена на ИКТ (информатичка и комуникациска технологија) во здравството и размена на добри практики и искуства во апликативност на здравствените услуги.

Конференцијата својата оригиналност ја одбележа со мултидисциплинaрниот пристап за јавното здравје и е-здравството на високо експертско и академско ниво. Имено, ова претставуваше пионерски потфат на Универзитетот за организирање на ваков тип на научна конференција на национално, регионално и интернационално ниво.

Конференцијата се реализираше во четири панели. Првиот панел беше посветен на правото на ЕУ за е-здравство и европските политики за јавно здравје преку неколку панели: ЕУ и глобалните политики за јавно здравје и уставните права; Меѓународен, ЕУ и национален развој на е-здравството; медицинска грешка (граѓанска и кривично-правна одговорност); и приватност на податоците и сајбер заштита во здравството. Вториот панел имаше фокус на биосигурноста и биоетиката. На третиот панел се дискутираше за информатичката и комуникациската технологија (ИКТ) во здравствената инженерска пракса. Последниот панел имаше фокус на споделување на најдобрите практики меѓу здравствените работници во е-здравствени услуги и телемедицина.

Академскиот координатор на проектот и организатор на конференцијата, вонреден професор д-р Кристина Мишева од Правниот факултет при УГД истакна дека земјата ги следи глобалните и европските здравствени политики и стандарди и дека интероперабилноста и непосредната соработка на академската заедница со професионалци и експерти од областа на правото, биоетиката, информатиката и медицината се неопходен услов за одржлив е-здравствен систем.

Имајќи ја предвид дигитализацијата на општеството и дигиталната трансформација на традиционалните здравствени системи неопходен е брз, динамичен, адекватен и финансиски одржлив национален систем. Развојот и усогласувањето на национално законодавство со европските стандарди и правната рамка на Европската здравствена унија е еден од националните приоритети, затоа сметаме дека придобивките од овој настан не се само од теоретски аспект, туку и од практичен, при што централна фигура е пациентот, неговите права и обврски, но и правата и обврските на здравствените работници и давателите на здравствените услуги – изјави проф. д-р Мишева.

Организацискиот одбор на конференцијата е во состав: вон. проф. д-р Кристина Мишева, вон. проф. д-р Марија Амповска, вон. проф. д-р Билјана Тодоровска и асистент м-р Кристијан Панев и асистент м-р Ана Здравева од Правниот факултет при УГД- Штип и проф. д-р Трајче Стојанов од Факултетот за образовни науки при УГД- Штип.

За повеќе детали од конференцијата можете да погледнете следната веб-страница: https://euehl.ugd.edu.mk/index.php/en/conference/about-the-conference.