Сабота, Април 27 2024
Следете нè

Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип домаќин на вториот круг од меѓународниот натпревар по математика „Кенгур 2023“

Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип оваа година беше домаќин на дел од учесниците во вториот круг од меѓународниот натпревар „Кенгур“. Вториот круг од овој натпревар се одржа на 6 мај 2023 година (сабота) и на него се натпреваруваа ученици од основно и од средно образование од училишта во целата држава. Во просториите на Факултетот за информатика при Универзитетот „Годе Делчев“ во Штип се натпреваруваа околу 300 ученици од училиштата од источниот и југоисточниот регион: ООУ „Тошо Арсов“ – Штип, ООУ „Димитар Влахов“ – Штип, ООУ „Ванчо Прке“ – Штип, ООУ „Никола Карев“ – Радовиш, ООУ „Свети Кирил и Методиј“ – Македонска Каменица, ОУ „Синиша Стоилов“ – Зрновци, ООУ „Гоце Делчев“ - Босилово, Струмица, ООУ „Даме Груев“ – с. Куклиш, Струмица, ООУ „Ванчо Китанов“ – Пехчево, ООУ „Ванчо Прке“ – Делчево и ООУ „Петар Мусев“ – Богданци. Во реализацијата на натпреварот учествуваа и професори од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

„Кенгур“ е меѓународен математички натпревар кој се организира во повеќе од 80 земји низ светот, а во нашата држава се одржува од 1994 година за учениците од основните и од средните училишта. Во рамките на натпреварот се употребуваат тестови во 7 нивоа поделени според комплексноста на задачите и се наменети за учениците од прво одделение во основно образование до четврта година во средно образование. Задачите во тестовите се поделени врз основа на математичките проблеми кои ги опфаќаат, а тие, пак, се однесуваат на најразлични теми. Така, за најмалите учесници задачите се претставени во вид на кратки приказни кои ги наведуваат учениците да покажат инспиративни идеи, креативност, имагинација, логичко размислување и различни стратегии за разрешување на претставените математички проблеми.

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип континуирано дава поддршка во развојот на младите таленти и имаше чест оваа година токму најмладите од нив да ги прими во своите простории каде тие ќе го покажат својот талент решавајќи математички и логички задачи.

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com