Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

Поттикнување на воннаставните активности на Факултетот за медицински науки преку семинарот „Молекуларни аспекти на исхраната“

На 7.6.2023 г. во просториите на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, под менторство на проф. д-р Татјана Рушковска се одржа семинар на тема „Молекуларни аспекти на исхраната“. На почетокот на семинарот проф. Рушковска одржа предавање за нејзините досегашни научни истражувања и за перспективите на молекуларната исхрана. Потоа, студентите, активни учесници на семинарот, имаа можност да презентираат одбрани теми за интериндивидуалните разлики во однос на исхраната и за влијанието на определени компоненти од храната врз различни биолошки процеси на молекуларно ниво.

Семинарот е дел од еден поголем проект на Macedonian American Alumni Association (МААА), насловен „Alumni encouraging community services and extracurricular activities“ и поддржан од Американската амбасада во Скопје. Семинарот беше поддржан и од Факултетското студентско собрание при ФМН и Студентски организираната медицинска асоцијација СОМА.

„Од изучување на влијанието на различни биоактивни компоненти од храната врз експресијата на гените, до истражување за улогата на специфичните микронутриенти, макронутриенти и биоактивни компоненти во метаболните процеси и клеточните сигнални патишта, бевме во можност од прва рака да бидеме сведоци на моќта на научното истражување во разоткривањето на молекуларните мистерии на исхраната.“, вели Сара Николова, една од презентерите.

Ваквите настани ставаат акцент за важноста на воннаставните активности на студентите.

По онлајн студирањето во периодот на пандемијата, семинарот е предвесник на многуте активности кои следуваат во иднина, организирани од студентите на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Акцент се става на враќањето на конгресите, семинарите и едукативните настани со физичко присуство.

„При подготовката на овој семинар, моја основна цел беше да ги поттикнам студентите од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, доброволно и активно да се вклучат во воннаставни активности коишто се од нивни интерес. Студентите, активни учесници на семинарот, под мое менторство, пребаруваа и селектираа релевантна научна литература којашто потоа ја користеа за подготовка на своите презентации, на тој начин стекнувајќи се со вештини и искуства коишто верувам дека ќе им користат во иднина. Исто така верувам дека овој семинар ќе им претставува поттик на студентите за нивни идни иницијативи и уште поголеми успеси. Освен тоа, морам да го нагласам и интересот на присутните студенти, слушатели на семинарот, кои со особено внимание ги следеа сите презентации.“, вели проф. д-р Рушковска.

Студентите, особено оние кои започнаа како „онлајн генерација“, се согласни за потребата за повторно враќање на ваквите настани во редовната практика.

„Како дел од тимот презентери, овој семинар за мене претставуваше освежување во насока на повторно враќање на студентските настани. Од сѐ срце ги поздравувам ваквите настани, како дел од неформалното образование, а воедно ми е драго и тоа што имав можност да бидам дел од истиот бидејќи за квалитетна едукација формалното образование треба да биде поткрепено паралелно со неформално образование.“, вели Ангела Кочоска, презентер.

Студентите кои беа активно вклучени ги охрабруваат останатите да бидат дел од идните активности.

Покрај благодарноста која ја укажуваат до професорката и поддржувачите на настанот, презентерите ги поттикнуваат и останатите студенти да се вклучат во ваквите активности бидејќи се неопходен дел од едукацијата. Покрај стекнувањето нови знаења, предностите се гледаат и во добивање вештини за презентирање и јавно говорење, како и правилно истражување.

„Нашата порака до сите колеги е, со помош на екстракурикуларни активности што повеќе да се мотивираат и да учествуваат во слични настани. Заедно да се мотивираме, учиме, надградуваме самите себе и да бидеме подобра верзија од нас!“, вели Сашка Јованчевска, презентер.

 

Текстот го подготвија:

Ирена Жежова, претседател на Факултетско студентско собрание при Факултетот за медицински науки

проф. д-р Татјана Рушковска, редовен професор на Факултетот за медицински науки

 

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com