Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

Годишна конференција на 2023 EUA-CDE: Докторските програми се висококомуникативни средини

Годишната конференција на Советот на докторското образование на Европската асоцијација на универзитети, 2023 EUA-CDE Annual Meeting, се одржа од 14.6. до 16.6.2023 на LUT Универзитетот во Лахти, Финска. Настанот беше во организација на Универзитетот од Хелсинки и Универзитетот LUT во Лахти, со главен фокус на различните димензии на комуникацијата во докторското образование и развивање на современ пристап за вклучување на комуникацијата во стратегијата и праксата на докторското образование и науката.
На Конференцијата, како претставник на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, активно учество зема претставничката за EUA-CDE, проф. д-р Ленче Милошева, редовен професор на Факултетот за медицински науки.

            За време на тридневната конференција, преку работилници и сесии во различни форми, учесниците можеа активно да ја истражат темата за комуникацијата како интегрален дел од докторантското кандидатско „ патување“ со фокус на прашањето: Како ја комуницираме науката? Конференцијата беше целосно посветена не само на содржината и вештините, туку и на способноста да ги искомуницира нив како трансверзална тема, која ги допира сите елементи од докторските школи и програмски активности. Истовремено, комуникациските вештини беа дискутирани како драгоцени ресурси за неколку кариерни патеки, внатре и надвор од академијата, а исто така и како докторандите можат подобро да ги искомуницираат своите компетенции пред пошироката публика.
Конференцијата, исто така, понуди платформа за рефлектирање на критичката улога, која комуникацијата ја има во секојдневните научни активности на докторските школи и програми, истовремено внатрешно и во нивните интеракции со надворешни партнери. Другите теми вклучуваа различни димензии од публицирање, интеркултурална комуникација и улогата на AI и социјалните медиуми во сегашното докторско образование.
Главните заклучоци од Конференцијата се дека дoкторските школи и програми на европските универзитети се висококомуникативни средини со разни учесници. Тие се вистински хабови на научна комуникација. Комуницираат со докторандите, менторите и другите партнери внатре и надвор од универзитетите. Комуникацијата е присутна не само во процесот на подготвување на докторските тези, туку и преку разните натпревари „моите тези во 3 минути“, презентирање на конференции, објавување во научни списанија, интеракција со колегите и менторите или пишување на научни трудови за дисертацијата.
Истовремено, комуникацијата е критичка вештина во различни кариери, вклучително внатре и надвор од академијата, и докторските кандидати е потребно да идентификуваат и комуницираат со широката палета на компетенции кои ги усвојуваат за време на докторатот. Затоа, добиените резултати кои беа презентирани на Конференцијата од спроведеното 2022 EUA-CDE истражување ја идентификува научната комуникација како најчесто понудена тема помеѓу тренинг курсевите за докторандите на европските универзитети. Исто така, тренинзите во академско пишување на тези и апликации се многу актуелни.
Еден од важните и главни заклучоци од оваа конференција е дека притисоците на патот кон добивање на оригинални научни резултати, временските рокови и ефектите од „хиперкомуникацијата“ можат сериозно да влијаат на менталното здравје на докторандите. Потребата од сериозни размислувања, истражувања и понудени решенија, како заеднички да придонесеме во креирање на психолошки сигурна и здрава истражувачка култура во која личниот развој и добросостојбата на сите учесници ќе биде на прво место, беше дискутирана како многу важна тема на која допрва ќе ѝ биде посветено внимание.

 

#nauka