Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Искористување на сончевата енергија како можност за побрза енергетска независност

            Енергетските потреби се во постојан пораст, како резултат на постојаното зголемување на бројот на населението на глобално ниво. Во иднина потребата од енергија ќе биде сѐ поголема и ќе претставува еден од глобалните проблеми и предизвици.

             Изворите на енергија може да се поделат на необновливи и обновливи. Необновливите извори на енергија, односно фосилните горива, како што се јагленот и природниот гас, се ограничени и претставуваат извор на штетни гасови. Имајќи го предвид ова, енергетскиот проблем може да се реши на два начина. Првиот начин е зголемување на енергетската ефикасност и рационално користење на енергијата, додека вториот начин е зголемување на степенот на користење на обновливите извори на енергија. Енергијата добиена од обновливите извори на енергија се нарекува зелена или одржлива енергија која не ја загадува животната средина.

            Во природата постојат пет примарни извори на енергија: Сонце, гравитациска сила помеѓу Сонцето, Земјата и Месечината, геотермална енергија, енергија на контролирани нуклеарни реакции (фузија и фисија) и енергија на хемиските реакции на минералните суровини (јаглен, нафта и природен гас).

            Од обновливите извори во Македонија се користат, пред сѐ, хидроенергија (за производство на електрична енергија), биомасата (во најголем дел дрвна маса во домаќинствата), геотермална енергија (во најголем дел за затоплување на оранжериите), ветерната енергија и сончевата енергија.

             Во моментот енергетските потреби во Република С. Македонија во најголем дел се задоволуваат од фосилни горива, како што се јагленот, нафтата и природниот гас. Дел од оваа енергија се произведува во термоелектраните РЕК Битола и Осломеј, а голем дел се увезува. Според податоците од годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика на Македонија, во 2021 година бруто-примарното производство на енергија во нашата држава изнесува околу 65,6% од вкупно потребната енергија. Учеството на обновлива енергија во вкупната произведена електрична енергија од домашни производители изнесува 31%. Овие податоци покажуваат дека една третина или околу 35% од потребната електрична енергија се увезува. Затоа главна стратешка цел во долгорочното планирање на развојот на производството на електрична енергија во нашата држава треба да биде енергетската независност. Основен предуслов за постигнување на енергетска независност е планирање на нови електрани чиј примарен ресурс не е увозна категорија, туку искористување на природните ресурси со која нашата земја располага согласно со современите стандарди за еколошка и социјална одржливост.

              Сонцето е еден од најискористените обновливи извори на енергија. Еден од начините за добивање на електрична енергија е процесот на фотоволтаична конверзија. Фотоволтаичната конверзија претставува квантно-механички процес при кој сончевите ќелии, енергијата на сончево зрачење директно се претвора во електрична енергија.

              Производителите на фотоволтаични панели кои се составени од повеќе сончеви ќелии обезбедуваат гаранции за нив во однос на ефикасноста и очекуваниот работен век. Работниот век на фотоволтаичните панели изнесува околу 25 години, но можат да се користат и подолго со намалена ефикасност. Во споредба со ветерните турбини, фотоволтаичните панели работат без бучава или подвижни делови. Тие се лесни за одржување и имаат минимални трошоци за поставување и одржување.

              Нашата држава има голем потенцијал за искористување на обновливите извори на енергија, особено на сончевата енергија. Климатските карактеристики на Македонија меѓу кои се: високиот интензитет на сончево зрачење, температура и влажност обезбедуваат поволни услови за искористување на сончевата енергија.  Годишниот просек на сончеви денови е 280 дена, а дневното сончево зрачење се движи од 3,4 kWh/m2 до 4,2 kWh/m2. Земајќи го предвид ова, Македонија припаѓа во групата земји со најголемо сончево зрачење, но не и во земјите што најмногу искористуваат и произведуваат електрична енергија од сончева енергија. За споредба може да се земат земјите од Западна Европа, каде што сончевото зрачење иако e доста помало имаат десетици пати поголема искористеност на сончевата енергија.

             Како резултат на постојаниот напредок на технологиите за производство на електрична енергија добиена од Сонце и опаѓањето на цената на фотоволтаичните системи, овие технологии се во тековен пораст.

             Со донесување на Законот за енергетика во 2019 година се воведе можноста за поставување на фотоволтаични системи за домаќинства и индустриски објекти за производство на електрична енергија кои ќе ја користат за сопствени потреби, но и за продавање на откупувачот и дистрибутер на електрична енергија. Исто така, овој закон предвидува имплементација и на други обновливи извори на енергија со цел да се постигне поголема енергетска независност и значително намалени емисии на јаглерод диоксид.

             Владата на Република Северна Македонија има амбициозен план до 2024 година, над 50% од вкупната инсталирана електрична моќност во нашата држава да биде од обновливи извори на енергија. Според политиката на сегашната Влада,  нашата енергетска независност и стабилност ќе ја реализира со инсталација на нови производни капацитети на електрична енергија и нови енергетски интерконекции со соседните држави. Паралелно со тоа, ќе се намалат емисиите на штетни гасови од енергетските извори за преку 20% или за околу 200 000 тони годишно.

              Според владините политики и стратегии се предвидува најголеми инвестиции во фотоволтаичната технологија т.е. инсталација на фотоволтаични електрани со моќност од 400 МW во електроенергетскиот систем. Доколку се реализираат овие проекти производството на чиста електрична енергија ќе се зголеми за околу 560 GWh или  околу 10% од вкупното домашно производство на електрична енергија денес, при што ќе се намали емисијата на CO2 за околу 750 000 тони годишно ниво.

              Покрај инвестициите во фотоволтаични централи се планира да се инвестира и во изградба на ветерни електрани, биогасни централи и хидроцентрали.

              Главна стратешка цел на сегашната и сите влади во наредниот период треба да биде зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, а со тоа зголемување на енергетската независност и намалување на увозот на електрична енергија односно енергентите кои ја загадуваат околината како нафта, нафтени деривати, природен гас.

              Доколку се реализираат и изградат предвидените производствени капацитети, следен чекор што треба да се направи е нивна интеграција во електроенергетскиот преносен систем. За да може електроенергетскиот систем да ги прифати, потребно е да се направи сеопфатна анализа како за побарувачката на електрична енергија, така и за вкупната инсталирана моќност што може да ги прифати енергетскиот систем на Република С. Македонија. За таа цел е потребно да се направат правилници и нови модели според кои ќе таргетираат и приоретизираат производители на електрична енергија од обновливи енергетски извори, како и потрошувачи кои ќе имаат пристап до електроенергетскиот систем и се подготвени да ја користат оваа енергија.

            Во таа насока е важно да се спроведе оптимално планирање и лоцирање на производствените капацитети од обновливи извори на енергија, дефинирање на квоти и креирање нови модели за пазарната цена на електричната енергија, изградба на балансирачки и билансирачки капацитети со цел побрз развој на енергетиката и поголема енергетска независност на нашата држава.

            Зголемувањето на учество на обновливи извори на енергија во производството на електрична енергија ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија во нашата земја, конкурентноста на пазарот ќе се подобри, ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето, а воедно ќе се зачува животната средина со намалување на емисиите на штетните гасови. Затоа, клучно е да се применат соодветните мерки за поддршка на производството на обновливи извори на енергија со кои ќе се добие оптимален процент на нивно учество во севкупниот енергетски биланс на државата.