„Лексикон на Македонскиот фронт 1915 – 1918“ и „25-тиот час на Македонскиот фронт 1915-1918“ се двете историски книги кои неодамна ги објавија професорот Оливер Цацков и професорката Анита Илиева-Николовска од Лексикографскиот центар на Македонската академија на науките и уметностите.
Проф. д-р Оливер Цацков е професор на Факултетот за образовни науки при УГД, на Катедрата за историја со археологија.
„Лексикон на Македонскиот фронт 1915 – 1918“
Ова дело е подготвено со цел да се задоволи изразената потреба од еден современ лексикон од областа на историјата на Првата светска војна, поточно историјата на еден нејзин специфичен дел – Македонскиот фронт – од неговото формирање во 1915 година, до крајот на војната во 1918 година. Лексиконот содржи основни поими и изрази, како и клучни настани и личности врзани за Македонскиот фронт, кои, веруваме, во целост ќе ги задоволат барањата на неговите корисници. Се надеваме дека оние кои првпат ќе се сретнат со историските факти за Македонскиот фронт преку овој лексикон, поврзувајќи ги неговите над 500 одредници на еден едноставен начин ќе можат да ја доловат големата слика за овој значаен дел од нашата национална историја.
„25-тиот час на Македонскиот фронт 1915 – 1918“
Во книгата „25-тиот час на Македонскиот фронт“ хронолошки се обединети автентични сведоштва на голем број непосредни учесници на Македонскиот фронт – офицери, војници, воени известувачи и дописници итн. Обединети во 25 поглавја, низ нивните искази е претставен заокружениот циклус на војната, кој не ги вклучува само воените активности, туку и сè она што претставува животот во воени услови и воопшто – раѓањето, празнувањето, забавувањето, страдањето, смртта. 25-тиот час, односно оној час кој не постои во сметањето на времето, е посветен на сите оние кои врз своите плеќи ги носеа ужасите на Првата светска војна и на Македонскиот фронт, а кои речиси никогаш не се споменуваат во историските книги.
Излегоа од печат две книги од проф. д-р Оливер Цацков
- Details
- Hits: 832