УНИВЕРЗИТЕТОТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ НУДИ МОДЕРНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА МЛАДИ АМБИЦИОЗНИ ЛУЃЕ ВО СОГЛАСНОСТ СО ПОТРЕБИТЕ НА БИЗНИСОТ!

Долги години наназад високото образование во земјава е на удар на сериозни критики. Нема да навлегувам во елаборација на причините за тоа, туку многу повеќе ќе зборувам за тоа како треба да ја промениме таа слика и како високото образование конечно да биде ставено високо на пиедесталот затоа што тоа место го заслужува.

Всушност, високото образование има клучна улога во економскиот и општествениот развој на секоја земја. Прво, инвестициите во човечки капитал и креирањето на високо образовaни кадри е основа за градење на конкурентен бизнис и модерна економија. Второ, науката и знаењето кои базично се креираат во рамки на високообразовните институции се основа за генерирање на нови иновативни идеи и претприемачки дух потребен за забрзување на економскиот раст и развој.

Оттука, она што треба да биде примарна цел на секоја високообразовна институција е креирање на квалификувани високообразовани кадри кои ќе бидат носители на клучните бизниси, општествено-економски и развојни процеси во државата, како и развивање и примена на научни решенија во индустријата и бизнисот.

Практично, новиот концепт на Универзитетот„ Гоце Делчев“ – Штип се базира токму на тие два фундаментални постулати. Прво, програми и настава која ќе испорача корисни знаења што студентите ќе можат да ги стават во функција веднаш по завршување на студиите. И второ, креирање и примена на научни истражувања и стручно-апликативни решенија за потребните на индустријата и бизнисот.

Наша основна цел како брзорастечки универзитет е да профилираме стручни кадри способни да одговорат на предизвиците во реалниот свет, бидејќи само на тој начин може да ја оправдаме суштината на нашето постоење која се заснова на задоволување на потребите на стопанството и потребите на младите луѓе да обезбедат благосостојба и општествен статус како своја лична сатисфакција и материјален поврaт на сопствената инвестиција во своето образование и интелектуална наобразба. Дополнително, наша цел како државна висок образовна институција е креирање на базични научни истражувања и нивна примена во решавање на конкретни и практични проблеми во економијата и општеството, како и истражувања кои ќе бидат основа за нови иновации и креирање на нови иновативни бизнис идеи.

Како потврда за посветеноста на Универзитетот „Гоце Делчев“ кон исполнување на овие цели е проактивниот пристап што го преземавме во изминатиот период за интензивирање на соработка со бизнисот преку градење на една заедничка платформа која ќе обезбеди во иднина директна и непосредна комуникација со бизнис секторот. Тоа ќе ни овозможи брза размена на информации и ефикасна координација во планирање и имплементација на заеднички активности, а главен приоритет секако ќе бидат студентите кои учејќи од бизнисот во текот на студиите ќе имаат поголеми шанси за вработување, а интересот на бизнисот е што ќе има веќе изградени кадри согласно своите потреби уште при самото вработување на младите дипломирани студенти. Во таа насока се планирани серија на конкретни активности кои ќе започнат да се имплементираат од почетокот на новата академска година.

Вториот сегмент на кој ќе работиме е подобрување и зајакнување на научноистражувачките капацитети и инфраструктура на Универзитетот преку конкретни проекти и заедничка соработка со домашни и меѓународни институции со крајна цел воведување на нови модерни научноистражувачки концепти кои ќе бидат апликативни во реалната економија.

На крај, би сакал да ги повикам сите млади и амбициозни луѓе кои сакаат да стекнат вистинско и практично применливо знаење што ќе им овозможи да изградат успешна професионална кариера, да се запишат на Универзитет „Гоце Делчев“. Ние сме тука со нашата визија и изградени капацитети да ви помогнеме да го остварите вашиот сон да станете успешни интелектуалци и професионалци во областа која ќе ја изберете како ваша животна професија.

П.С. Мотото на Универзитетот е „Избери мудро, делувај храбро“, а моето мото е „Малку зборови, повеќе дела“. Затоа, ајде заедно да креираме дела преку мудар избор и храбро делување!

 

Проф. д-р Дарко Лазаров,
проректор за инвестиции и развој,
Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип