Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

УГД коорганизатор на Државниот натпревар за едукативна роботика „First Lego League”

Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип и Факултетот за информатика, во партнерство со Здружението за едукација и иновативно учење „Академија за роботика и иновации“ - Скопје, ќе го организира Државниот натпревар за едукативна роботика „FIRST® LEGO® League Challenge“.
Настанот е за деца и млади од 9 до 16 години, а ќе се одржи на 1.4.2023 година во холот и просториите на Кампус 2 при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. 
Во организацијата и реализацијата се вклучени кадри и од неколку други факултети при УГД, како Електротехничкиот факултет и Факултетот за образовни науки. 
FIRST® LEGO® лигата е меѓународна мултидисциплинарна истражувачка програма која ги инспирира младите луѓе да истражуваат во областа на науката и технологијата, да решаваат реални проблеми преку изработка на реални проекти за кои се неопходни вештини и способности со кои се стекнуваат во целокупниот процес да станат подобри луѓе со развиена креативност, љубопитност, претприемничко и критичко размислување, тимска работа, емпатија и почит кон меѓучовечката и животна средина.
Република Македонија како дел од мрежата на над 100 земји учеснички во натпреварите од кои произлегуваат над 40.000 тимови обезбедува понатамошен пласман и место за победничкиот тим на светското првенство што ќе се одржи во Мароко во јуни 2023 година.
Оваа година темата на проектот е енергија. Тимовите треба да идентификуваат проблем поврзан со енергијата, со кој луѓето се соочуваат и да предложат решение преку изработка на иновативен проект и претставување на основните човечки вештини и вредности. Дополнително, тимовите мора да дизајнираат, изградат и програмираат робот со користење на LEGO MINDSTORMS или SPIKE PRIME технологијата и да се натпреваруваат со другите тимови во исполнување на мисии.