Четврток, Ноември 21 2024
Следете нè

Излезе од печат книгата „Медиумите во Штип: (и)сторија на подеми и падови#

Проф. д-р Андон Мајхошев е автор на книгата „Медиумите во Штип: (и)сторија на подеми и падови“, која неодамна излезе од печат. Станува збор за историски осврт на медиумите, новинарите и новинарството во Штип.

  • Најпрвин почнав да го истражувам фабричкото новинарство, а подоцна одлучив да се зафатам со истражување на сите медиуми. Идејата е на едно место да ги има сите медиуми од 1945 година до денес. Истражував период од осум децении, а акцент ставив на традиционалните медиуми. Дојдов до сознанија дека Штип имал развиена медиумска историја, развиен информативен систем и имал медиуми кои веројатно се заборавени од многумина - изјави проф. д-р Андон Мајхошев.
    Книгата опфаќа околу 50 медиуми од сите видови, но со особен акцент на традиционалните медиуми. Опфатени се и сите медиумски работници во Штип, сите новинари и актери вклучени во развојот на медиумската сфера. Проф. д-р Андон Мајхошев е професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.
  • Истражувањето го правев година и половина, а во тој процес многу ми помогнаа актуелните новинари и медиумски работници кои со свои сеќавања и податоци го комплетираа ова мое истражување. Токму затоа и оваа книга е посветена на новинарите и медиумските работници од Штип. Како професор на УГД морам да споменам дека и УГД има значаен придонес во развојот на медиумите во овој град. Универзитетот има придонесено преку Катедрата по новинарство на Правниот факултет, преку медиумите кои функционираат во рамките на Универзитетот, како и преку креирање на професионалци кои станаа важен фактор во информирањето - истакна проф. Мајхошев.
    Промоцијата на оваа книга ќе биде за време на Штипското културно лето 2023 година, а книгата ќе може да се најде на промоцијата, како и во Градската библиотека во Штип.
    Проф. д-р Андон Мајхошев е роден во 1961 година во Штип. Факултет за политички науки завршил во Белград во април 1984 година. Во 1993 година е избран за претседател на Општинската синдикална организација во Штип, а во 1998 година за претседател на Регионалниот синдикален совет за Штип и Пробиштип. Во 2001 година престојува на едномесечен студиски престој во САД. Проф. Мајхошев до сега има издадено 9 книги, 4 учебни помагала и 80 научни трудови.