Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип заедно со партнери од четири европски земји развиваат нова дигитална радио платформа

На 20 и 21 септември 2023 година, во Гуарда (Португалија) беше одржана првата работна средба во рамките на меѓународниот проект NEWAVES, којшто ги собра заедно партнерите и учесниците од четири европски земји: Португалија, Република Северна Македонија, Словачка и Хрватска. Проектот NEWAVES претставува колаборативна алијанса за обновување на радиото и зајакнување на медиумите кои објавуваат вести на подрачја со мала густина на населението, финансиран преку рамковната програма на Европската комисија за поддршка на културата и аудиовизуелниот сектор – Програма Креативна Европа.

Вкупната вредност на проектот Newaves, добиена преку Европската образовна и извршна агенција – ЕАСЕА, е 916.315,90 евра и во најголем дел е кофинансиран од Европската Унија во износ од 733.052,72 евра. Во проектот учествуваат вкупно осум партнери – четири високообразовни институции и четири медиумски куќи, по една од секоја држава. Координатор на проектот е Политехничкиот институт во Гуарда (Португалија), а партнери се: Radio Altitude Guarda Sociedade de Comunicação Lda. (Португалија), Трговско радиодифузно друштво Радио Канал 77 ДООЕЛ и Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип (Република Северна Македонија), Trencian University of Alexandra Dubcek in Trencine (Словачка), Rozhlas a televízia Slovenska (Словачка), Academy of Arts and Culture in Osijek и како придружен партнер Croatian Radio – Radio Osijek (Хрватска).

Проектот Newaves официјално започна со работа во јуни 2023 година и ќе се спроведува 24 месеци, до јуни 2025 година. Дизајниран е како мрежа за размена на најдобри практики помеѓу локалните радиостаници, новинарите и комуникациските експерти. Преку можноста на локалните радиостаници низ Европа да се приклучат на мрежата за поддршка, проектот NEWAVES развива прекугранична и меѓусекторска заедница која ќе соработува и ќе има пристап до различни алатки и ресурси, вклучително и дигитална платформа за дистрибуција на радиопрограми од различни жанрови. Платформата ќе содржи материјали произведени од секоја од вклучените локални радиостаници, давајќи им пристап и промовирајќи ја циркулацијата на широк спектар на европски („локални“) содржини, подобрувајќи го она што тие можат да им го понудат на своите слушатели и зголемувајќи ја нивната конкурентност. Проектот ќе спроведе центар за трансфер на знаење за радио секторот на локално ниво и ќе ги подобри професионалните вештини на новинарите и медиумските професионалци. За да се постигне ова, NEWAVES предвидува обука на сегашни и идни комуникациски професионалци и студенти преку физички и онлајн програми за мобилност, како и програма за курсеви за е-учење за да одговори на специфичните потреби на локалните радиостаници. Оваа програма за курсеви ќе биде развиена преку заеднички процес на работилници за заедничко создавање на првична заедничка соработка. По неговата валидација, материјалот ќе биде достапен на платформата и на тој начин NEWAVES активно ќе придонесе за висококвалитетно и доверливо радио новинарство.

На првата дводневна работна средба беа присутни околу дваесетина учесници во проектот. Заменик-претседателот на Управниот одбор на Политехничкиот институт во Гуадра, Manuel Antonio Brites Salgado, имаше поздравна реч во име на домаќинот. Учесниците во два дена ги сумираа активностите што беа реализирани во првите три месеци од започнувањето на проектот и се усогласија за деталните чекори и идните активности во рамките на четирите работни пакети кои вклучуваат активности за управување и координација, развој на дигитална платформа заедно со подготвителните активности, програма за обука на медиумски работници од четири земји и план за дисеминација и комуникација на проектот. Во рамките на состанокот, учесниците го посетија и локалитетот Passadicos do Mondego во рамките на природниот парк Serra de Estrela Nature Park, кој се наоѓа во близина на Гуарда и е под заштита на УНЕСКО. Покрај планираните состаноци на далечина, во текот на проектот ќе се одржат и четири состаноци со физичко присуство. Наредниот состанок со физичко присуство е закажан во март 2024 година во Штип (Република Северна Македонија).

Партнери во проектот (конзорциум):

1. IPG - INSTITUTO POLITECNICO DA GUARDA, Portugal;

2. Rádio Altitude - RADIALTITUDE-SOCIEDADE DE COMUNICACAO DA GUARDA LDA, Portugal;

3. Radio Kanal 77 - TRGOVSKO RADIODIFUZNO DRUSTVO RADIO KANAL 77 DOOEL, North Macedonia;

4. UGD - REPUBLIC OF NORTH MACEDONIA STATE UNIVERSITY STIP GOCE DELCEV STIP, North Macedonia;

5. TNUAD - TRENCIANSKA UNIVERZITA ALEXANDRA DUBCEKA V TRENCINE, Slovakia;

6. RTVS - ROZHLAS A TELEVIZIA SLOVENSKA, Slovakia;

7. UAOS-UNIOS - SVEUCILISTE JOSIPA JURJA STROSSMAYERA U OSIJEKU, AKADEMIJA ZA UMJETNOST I KULTURU U OSIJEKU, Croatia.