Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Правен факултет учествуваше на завршна конференција од проектот „Жан Моне“ во Неапол

Професори од Правен факултет на УГД учествуваа на завршната конференција од меѓународниот проект „Жан Моне“ – мрежи што се одржа на Универзитетот во Неапол „Ориентале“.

- Проектот  „Жан Моне“ беше на тема миграции и азил и го работиме од 2018 г. до денес, заедно со уште девет универзитети во еден конзорциум. Целта беше да ги претставиме досегашните активности во рамките на проектот и да ги поставиме основите и постулатите за нашите размислувања, како треба да се изготват и во која насока треба да се движат политиките за миграција и азил. На конференцијата учествуваа еминентни имиња и одлични познавачи на бегалското право, на политиките за миграции и азил. Правниот факултет беше навистина активен во текот на проектот, учествувавме со подготовка на околу 30 онлајн часови кои ги ставивме на платформата на Универзитетот во Неапол и на Youtube, создадовме и многу врски со невладини организации и други чинители во Македонија. Влеговме и во многу вмрежувања со други универзитети, но и со други проекти „Жан Моне“. Влијанието од проектот е големо, како врз студентите, така и врз професорите и истражувачкиот кадар. Имаме и студенти кои ги вклучивме во многу публикации, а се поврзавме и со други единици од Универзитетот, како што е Ликовната академија – изјави проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.

Конференцијата беше организирана во рамките на проектот „Жан Моне“ за вмрежување „Системи на политики за миграции и азил„ (https://www.mapsnetwork.eu/), предводен од Универзитетот во Неапол „Ориентале“, во рамките на кој учествува Правен факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, како партнер-институција заедно со други девет универзитети.

Целта на конференцијата беше да се дискутира за различните национални и супранационални режими во делот на миграцијата и азилот, со цел да се утврдат недостатоците, слабостите и да се предложат нови реформи. Освен нив, на конференцијата се говореше и за прашања поврзани со предизвиците поврзани со меѓународната заштита на бегалците, потребата од ревизија на Даблинскиот систем на ЕУ, глобализација и нееднаквоста како извор на миграција, еколошка миграција и други.

Конференцијата е организирана под покровителство на Италијанското здружение за меѓународно и европско право и Меѓународната асоцијација за правото на морето.

Од тимот на истражувачи од Правен факултет - УГД учествуваа проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, проф. д-р Олга Кошевалиска и доц. д-р Елена Максимова.

Најавено е продолжување со учество на слични проекти, за кои се воспоставени контакти и се очекува да се започне со реализација во наредниот период.

Во прилог видеоматеријали од учеството на професорите од Правниот факултет и проректор за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров, на завршната конференција во Неапол.