Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Професорот Мајхошев од УГД со две нови книги

“Индустриските односи во Република Северна Македонија – Емпириска анализа” и “Лексикон на индустриски односи” се двете нови книги кои неодамна излегоа од печат на проф. Д-р Андон Мајхошев од Правниот Факултет на УГД. Станува збор за книги кои го третираат проблемот на социјалниот дијалог во државата. Освен политичкиот, исто така и социјалниот дијалог е многу важен предуслов за побрз исчекор на државата кон полноправно членство во ЕУ.

Книгата „Индустриските односи во Република Северна Македонија – Емпириска анализа“ ги проучува односите помеѓу социјалните партнери (синдикати, работодавачи и Влада) од емпириски аспект, поточно како тие функционирале во реалниот живот во периодот на транзицијата. Тие односи опфаќаат повеќе аспекти: правото на работниците и работодавачите на слобода на здружување и организирање, колективното преговарање, трипартизмот и функционирањето на економско-социјалниот совет,  решавањето на колективните работни спорови (штрајкови), мирното решавање на работните спорови, меѓусебното информирање и консултирање и учеството на синдикатот во политичките процеси (изборите). Оваа книга претставува колективна меморија за индустриските односи во државата

Книгата „Лексикон на индустриските односи“ обработува 610 поими, термини и изрази од областа на односите меѓу социјалните партнери. Овој лексикон наоѓа примена во високото образование, за студентите како дополнителна литература, за потребите на државните oргани и институции, арбитрите, помирувачите, работодавачите, синдикатите и сите оние кои ја проучуваат и практицираат оваа проблематика.

Сакам работите да бидат јасни. Двете книги се резултат на мојата повеќегодишна научно-истражувачка работа во континуитет од 15 години, бидејќи  за да дојдам до конкретни емпириски резултати, истражуваната појава (индустриските односи) ја следев долг временски период. Рабоев многу  напорно и упорно. Не го жалам вложениот труд. Услови за тоа ми создаде периодот на Пандемијата кога две години интензивно работев да го поврзам целокупниот материјал во една научна целина. Сите собрани податоци се селектирани, ситематизирани, обработени и претставени преку табели, графикони и сл. од кои читателот ќе може да види како се движел целокупниот процес на социјалниот дијалог, односно индустриските односи во транзицијата. Секако книгата содржи и теоретски дел како поддршка на емпириското истражување.” ни појасни проф. Мајхошев.

Минатата година, тој ја издаде книгата со наслов Индустриски односи: регулатива, теорија и практика”, која е основен учебник за предметот “Индустриски односи во ЕУ”, што се изучува на втор циклус на студии на студиската програма по Европско право.

Сите наведени книги имаат огромно значење за афирмацијата на една нова научна дисциплина, која кај нас е во фаза на развој и засега се изучува само на УГД и УКИМ на Втор циклус на студии како изборен предмет. Со издавањето на споменатите наслови, Проф. д-р Андон Мајхошев  даде голем научен придонес за афирмација на Правниот факултет и Универзитетот “Гоце Делчев”-Штип на национално и меѓународно ниво.