Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

Проф. Д-р Рубин Гулабоски од УГД шеста година по ред во топ 2% највлијателни научници на сите времиња

Во изданието на Stanford University за топ 2% највлијателни научници на сите времиња  и од сите научни области, шеста година по ред се наоѓа професорот Рубин Гулабоски од Факултетот за медицински науки при Универзитетот Гоце Делчев-Штип. 
Од Македонија, на листата на највлијателни и најцитирани 2% научници на сите времиња и од сите научни области на Stanford Универзитетот во 2023 година се академиците Љупчо Коцарев, Леонид Грчев,  Валентин Мирчески, Ратко Јанев, како и Рубин Гулабоски од Факултетот за медицински науки при Универзитетот Гоце Делчев Штип, Кимет Јусуфи од Државен Универзитет Тетово  и Марјан Гушев од ФИНКИ, УКИМ. На листата се и пензионираните професори од ПМФ при УКИМ, Иван Грозданов и Трајче Стафилов. 
Рангирани во топ 2% за последната година (2022) од Македонија  се Кимет Јусуфи, Веланд Рамадани (од Универзитет на Југоисточна Европа), академиците Љупчо Коцарев, Леонид Грчев, Ратко Јанев, физичарот Трифче Сандев, професорот Рубин Гулабоски (од Факултет за медицински науки, УГД Штип), Биљана Бауер (од Фармацевтски факултет при УКИМ) Марјан Гушев (ФИНКИ, УКИМ), Биљана Ристеска Стојкоска и Спасовски Гоце (и двајцата професори од УКИМ). Најголем дел од научниците од Македонија  што се наоѓаат на листата на Stanford работат во областите на Хемијата, Физиката и Информатичките науки и претежно работат во подрачјата на теоретска хемија и физика. Сите македонски научници од листата на највлијателните 2% научници на сите времиња се добитници на награди и стипендии од најпознатите светски фондации Alexander von Humboldt и Fulbright.
Јавно достапната база на податоци за најцитирани и највлијателни научници е базирана на стандардизирани информации за цитати, h-индекс, корегиран hm-индекс за коавторство, цитати на трудови во различни позиции на авторство и композитен индикатор (c-indicator). Посебни податоци во рангирањето се прикажани и за вкупната кариера и посебно за влијанието на научниците во претходната 2022 година. Индикаторите креирани за рангирање на научниците исклучуваат т.н. самоцитати (цитати на сопствени трудови од авторите). Сите податоци и дата базите  за највлијателните 2% научници на сите времиња и највлијателните 2% научници за 2022 година се наоѓаат во слободна форма на следната платформа на Elsevier издавачката куќа

October 2023 data-update for "Updated science-wide author databases of standardized citation indicators" - Elsevier BV (digitalcommonsdata.com) 

Треба да се потенцира дека научниците се класифицирани во 22 научни полиња и 174 под-полиња, а се рангирани според стандардната класификација на Science-Metrix. 
Обработени се податоци за сите научници што имаат публикувано најмалку 5 трудови во својата кариера и чии трудови се публикувани во списанија со фактор на влијание.  
Изборот е направен од најдобрите 2% научници, од вкупно повеќе од 10 милиони научници од цел свет чии податоци се обработени во рангирањето. 
Знаејќи го фактот дека во Македонија скоро повеќе од 15 години се издвојувааат скоро нула средства за развој на науката, овогодинешната листа на Stanford покажува своевиден парадокс, а тоа е дека македонските научници се најпродуктивни кога не добиваат апсолутно никакви средства за нивната научна работа. Доколку навреме не се преземат мерки за поддршка на младите во научноситражувачката работа, на Македонија и претстојат тешки времиња во науката со тековните политики на апсолутно нефинансирање на било каква научноистражувачка работа, истакнува проф. Д-р Рубин Гулабоски од УГД.
На листата на Stanford за 2023 година има и 10тина Македонци кои работат и се членови на други светски универзитети.