Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Семинар за одржлив развој на Правен факултет на УГД

Правен факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип организираше семинар на тема „Концептот на одржлив развој низ правото и политиките: застапеност, предизвици и перспективи“.

Семинарот имаше интердисциплинарен пристап и во него се дискутираа теми поврзани со одржливиот развој низ призмата на различните гранки на правото и на политиките, но и низ призмата на елементите на одржливиот развој: екологијата, економијата и општеството.

- Замислата на денешниот настан првично беше да биде од неформален карактер, каде што ќе можеме да ги презентираме меѓу нас професорите и студентите истражувањата кои се правени во делот на одржлив развој и позицијата на нашата држава во овој дел. Но видовме дека одржлив развој не е нешто што може да се ограничи на национални граници, барем не истражувањата, па агендата ја проширивме кон експерти од странство. Така, обраќање ќе имаат професорот Џејмс Лофтон, Фулбрајт стипендист во Македонија, и неколку професори од Унгарија, од Мишколц. Тие ќе дадат свое видување и ќе ги презентираат истражувањата во областа на одржлив развој, врзано за право на здрава животна средина, одржлив развој во дигитална средина, во внатрешните работи на Унгарија, одржливиот развој во работните односи... Ние како факултет секогаш сме ја застапувале идејата да ги истражуваме актуелните теми, да дадеме простор каде студентите ќе можат да се изразат и да ги презентираат своите истражувања – изјави проф. д-р Олга Кошевалиска, деканка на Правен факултет при УГД.