Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

ШТО НАПРАВИ СИНДИКАТОТ ДОСЕГА?

Синдикатот на УГД од конституирањето до денес постигна неколку важни работи.

Прво, со Одлука на Сенат од 4.7.2023 година, СУГД доби репрезентативен статус што подразбира стекнување право на колективно преговарање и водење социјален дијалог со надлежните органи и институции во рамките на УГД и надлежните министерства за прашања кои имаат исклучиво економско-социјален карактер. За таа цел, Советот на Синдикатот на УГД формира петчлена Работна група чија задача беше да изработи предлог текст на КД на УГД - Штип. Работната група скоро два месеци интензивно работеше на создавање на предлог-текст, водејќи сметка секоја одредба да биде усогласена со сите закони кои ја регулираат оваа правна материја. Притоа, беа консултирани сите релевантни колективни договори во нашата држава и непосредното опкружување со цел текстот да се базира и позитивни практики од оваа област. Откако текстот беше завршен се закажа седница на Собранието на СУГД. На ден 6.10.2023 година се одржа Првото годишно собрание на Синдикатот на УГД на кое се утврдија правците на делување на СУГД во периодот 2024-2028 година со усвојување на Програма за работа на СУГД за наведениот период. Во овој документ како главни активности се посочени следните: склучување КД на УГД; формирање на Солидарен синдикален фонд; подобрување на животниот стандард на сите вработени на УГД; подобрување на безбедноста и здравјето при работа на сите вработени, особено на оние кои работат на ризични работни места; едукација на синдикалното членство и др.

 Второ, Собранието на СУГД на седницата одржана на 6.10.2023 година го утврди Предлог-текстот на Колективен договор на УГД и го задолжи Советот да покрене иницијатива за склучување на КД со основачот на УГД - Штип, односно Собранието на Република С. Македонија и овластениот претставник на Собранието (претседателот на Собранието). За таа цел, Советот на Синдикатот на УГД-Штип на ден 18.10.2023 година достави официјално Барање до Собранието на Република С. Македонија за започнување на процес на колективно преговарање и склучување на поединечен колективен договор на ниво на работодавач. Поради тоа, Советот на СУГД избра Преговарачки тим од пет члена кои ќе преговараат за Предлог-текстот на КД. Како Синдикат се надеваме на конструктивен и фер приод во процесот на КД од страна на основачот. Согласно со одредбите на ЗРО очекуваме да бидеме повикани на преговори. За сѐ што ќе се случува во врска со овој процес, членовите на Синдикатот и сите вработени навремено ќе бидат информирани.

 Трето, персоналниот состав на Советот на СУГД претрпе одредени измени, така што се повлекоа тројца претставници во Советот од Правниот факултет, а на нивно место беа избрани претставници од Медицински факултет, Економски факултет и Факултетот за информатика. Исто така, Собранието ги избра и членовите на Надзорниот одбор на СУГД.

Нашите активности се транспарентни и за секоја позначајна активност ќе биде проследена информација во јавноста преку современите алатки на комуницирање. Исто така, ги охрабруваме членовите и вработените доколку имаат потреба од дополнително информирање можат слободно да се обратат до Претседателот, Секретарот и членовите на Советот. Силата на Синдикатот е во неговото единство. Нашата мисија е секој член е важен, а  визијата ни е да направиме среќни, мотивирани и задоволни членови и вработени на УГД.  

 

                                                                                      Претседател на Синдикатот на УГД- Штип,

                                                                                       редовен професор д-р Андон Мајхошев