Зошто е потребен Синдикатот на вработените на УГД - Штип?
Пред нас се исправи еден невиден парадокс на современиот синдикализам. Парадоксот се препознава преку прашањата што многумина од вработените ги поставуваат од типот: Зошто ни е потребен Синдикатот? Што ќе добиеме ако се зачлениме? А тоа да не е поврзано со политика? итн. Прво да расчистиме, Синдикатот не е политичка организација (партија) и не се бори за власт, туку тој на глобално ниво е најмасовна невладина организација која брои неколку стотици милиони членови и се залага за заштита и унапредување на правата од работен однос.
Синдикатот во западната цивилизација како организација постои од крајот на 18 и почетокот на 19 век, а ние зачекоривме во третата декада од 21 век и сѐ уште се плашиме и размислуваме дали да се зачлениме и да се вклучиме во синдикалното движење. За идејата на современиот синдикализам воопшто не треба да се плашиме, туку треба да ја афирмираме оваа идеја која може да донесе благодат на сите вработени на УГД. Оттука, потенцираме дека на вработените во УГД (наставнички кадар, универзитетска администрација, технички персонал), повеќе од кога било им е потребен Синдикатот, кој легитимно ќе ги штити економско-социјалните права на сите вработени. Синдикатот е легитимен и признаен инструмент во најважните правни акти на ООН, МОТ, ЕУ и Советот на Европа. Правото на синдикално организирање е основно човеково право кое е гарантирано со Уставот на Македонија.
Од каде произлезе иницијативата за основање на Синдикат на УГД?
Иницијативата за основање на Синдикат на УГД се „крчка” повеќе години. Идејата е присутна од пред 15 години, но поради сплет на околности, страв и колебливост кај вработените, синдикатот не беше формиран. Идејата е автохтона и не е наметната од ниту еден центар на моќ. Ако зад идејата стоеше некој прикриен центар на моќ, оваа идеја немаше воопшто да тргне, ниту пак да успее. Членовите на Синдикатот на СУГД лесно можат да проценат дали нечиј интерес се наметнува или не. Повторувам, идејата произлезе од професорите од Правен факултет кои се и најкомпетентни и најстручни да се зафатат со ширење и практицирање на синдикализмот, бидејќи директно е поврзан со трудовото и социјалното право. На Правниот факултет е сконцентриран голем интелектуален потенцијал во професори и асистенти кои перманентно ја следат проблематиката и легислативата во државата, предаваат и учествуваат во разни дебати за измени и дополнувања на закони од сите правни области и тоа членовите максимално треба да го искористат. Во таа насока, ќе биде ставена во функција и Правната клиника, која ќе дава бесплатна правна помош и правни совети на сите членови на синдикатот на УГД.
За каков Синдикат станува збор?
СУГД е независен синдикат кој организациско не е поврзан со ниту еден повисок облик на синдикално организирање и здружување (синдикална федерација или конфередација.) За почеток СУГД ќе делува како независен синдикат, а подоцна раководството ќе направи сериозна стратешка анализа и проценка за евентуално организирање и здружување на повисоко ниво во облик на Федерација на Синдикат (грански синдикат) на вработените за високото образование на ниво на Република С. Македонија.
Кои се принципите на делување на Синдикатот?
Еден од основните принципи на современото синдикално движење е независност и самостојност во однос на власта, работодавачот, политичките партии и верските заедници. Дали еден синдикат ќе биде независен во своето функционирање од наведените субјекти зависи од повеќе фактори, но најмногу од сѐ зависи од синдикалното раководство колку тоа ќе допушти да биде инструментализирано и употребено од споменатите актери. Авторитетот, кредибилитетот и интегритетот на синдикалното водство се чува со знаење, труд, посветеност, чесност, одговорност, а не со манипулации. Затоа, многу е важно во раководствата на синдикатот да бидат избрани лица кои поседуваат високи морални вредности, а пред сѐ стручност и знаење.
Друг многу важен принцип на синдикалното делување е солидарноста помеѓу вработените и другите синдикати со кои ги делиме истите вредности.
Методи на синдикалното дејствување?
Во теоријата и практиката на синдикалното движење се применувааат повеќе методи на синдикално дејствување. Најплодотворен е методот на социјален дијалог и колективно преговарање кои се најпрактицирани во современото синдикално движење, па и кај нас. Меѓутоа, доколку синдикатот преку овој метод не ги постигне очекуваните резултати, тогаш синдикатот може да примени и други методи кои ќе дадат поголеми резултати.
Што се презема на ниво на УГД за зголемување на бројот на синдикалното членство?
Советот на СУГД изгради стратегија за ова прашање. Сите членови активно работат на пропагирање на идејата на синдикализмот, а деновиве започнавме да организираме и Инфо-сесии преку Microsoft Teams, како и преку директни средби со вработените и потенцијални членови на синдикатот. Ги информираме присутните со потребата од синдикално организирање, програмските цели на СУГД, мисијата и визијата, процесот на зачленување, постапката на регистрирање на Синдикатот, статусот на СУГД во однос на другите синдикати, а оставаме простор за прашања и иницијативи од присутните. Засега зачленувањето оди одлично, има голем интерес кај вработените и сме на прагот да дојдеме до потребниот процент од 20%. Убедени сме дека тоа бргу ќе се случи. Советот на СУГД донесе Одлука висината на членарината месечно да изнесува 150 денари.
Дали синдикатот официјално е регистриран?
Вчера добивме информација од МТСП дека СУГД е регистриран во Регистарот на синдикати што го води надлежното Министерство за труд (МТСП) на Република С. Македонија. Решението го имаме во раце и сега ги процесираме останатите чекори согласно позитивното право.
Кои се идните планови на СУГД?
Планираме да ги оствариме следниве зацртани цели:
1) Да ја дефинираме нашата мисија и визија;
2) Да обезбедиме бесплатна правна заштита и правни совети на сите членови;
3) Да основаме Солидарен фонд од кој ќе се помага на нашите членови кога за тоа ќе имаат потреба согласно со Правилник и усвоени критериуми;
4) Едукација на членството за своите права, обврски и одговорности;
5) Организирање на предавања на кои членовите ќе се информираат со најновите измени и дополнувања на законите од сите сегменти на општественото живеење, особено за трудовото и социјалното право;
6) Формирање на Секција за жени и Секција на млади при СУГД;
7) Соработка со Правната клиника;
8) Транспарентно работење и видливост на нашата работа;
9) Градење култура на социјален дијалог;
10) Рекомпонирање на структурата на Советот на СУГД со претставници од единиците на УГД;
11) Потпишување на колективен договор за вработените на УГД-Штип и др.
Кои се пораките до вработените?
Да се зачленат без двоумење, бидејќи на тој начин ќе создадеме моќен инструмент за заштита и унапредување на правата од работен однос на сите вработени (наставнички кадар, универзитетска администрација и технички персонал). Исто така, активно да учествуваат во синдикалниот живот на УГД, слободно да даваат предлози и иницијативи до Советот, кои, доколку се реални и издржани Советот ќе ги вгради во Програмата на СУГД во наредниот период. Исто така, транспарентното работење на СУГД ќе биде препознатливо во неговото работење преку јавни настапи, соопштенија, Универзитетското радио „УГД ФМ“, интерната ТВ на УГД. Планираме да креираме и веб-страница на СУГД од која членовите и вработените ќе се информираат за активностите на СУГД.
Андон Мајхошев,
редовен професор на Правен факултет при УГД - Штип