Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

Што добива, а што губи науката со ChatGPT вештачката интелигенција - Губење на идентитет

Иако постои само неколку месеци и досега е веќе широкоексплоатирана од голем број научници за пишување и јазично средување и доуредување на нивните научни трудови, сепак интензитетот на употребата на ChatGPT алатката на OpenAI во научни цели веќе зазема пандемски размери. Се обидов да ја тестирам оваа алатка за неколку цели на текст што го подготвувам тековно за публикување и можам да ви ги претставам моите први впечатоци од користењето на оваа алатка, која денес се користи од алатка за пишување на семинарски студентски проектни задачи, па сѐ до трудови што се поднесуваат во највлијателни научни списанија.

  1. Јазични корекции и реформулирање на фрази: Внесете ваш текст во полето за chat, дадете насоки за реформулирање и вештачката интелигенција ќе ви го реформулира текстот и ќе ви даде нешто што изгледа многу подобро напишано на англиски, отколку вашата напишана верзија.
  2. Давање насоки за пишување текст: Внесувате јазична секвенца од неколку збора и давате насоки што очекувате, на која тематика, вештачката интелигенција да напише текст за вас. Тоа ќе го направи на повеќе начини, користејќи фрази земени од разни извори, при што формулира реченици во генерален контекст, а не во специфичен контекст од областа што сте ѝ ја дале како насока за пишување текст.
  3. Пребарување на литература: Внесувате секвенца од зборови со која барате ChatGPT да ви даде референци/литература за некоја област и ова може алатката доста успешно да го направи за вас.
  4. Пресметки: Доколку ѝ дадете соодветен алгоритам, ChatGPT може да направи дури и некои едноставни пресметки на различни математички проблеми. Можно е и последователно да добиете и постапка како се решавани проблемите.

И сите овие работи изгледаат одлично на прв поглед, алатката „умешно“ и многу мудро ги решава вашите проблеми, не трошите време за пишување воведи, апстракти, заклучоци, не трошите време и енергија за барање на литература, дури може литературата да ви ја даде алатката во формат што се бара од некоја издавачка куќа, што е многу важно, алатката е дизајнирана да не прави плагијати, бидејќи има алгоритам што собира по збор-два од разни извори и не постои голема веројатност дека ќе ја препознаете пишуваната реченица дека е напишана од друг/други автори итн.

НО... секогаш има едно или повеќе НО

Научниот свет моментално се соочува со огромна хиперпродукција на научни и ненаучни трудови, од кои голем број се со сомнително потекло, огромен број се плагијати, тешко се проверува точноста на научните резултати, издавачките куќи се интересираат само за профит, а ретко за квалитет (во некои списанија публикувањето на само еден open access труд чини и повеќе од 5000 евра), публикувањето е неопходен сегмент за добивање грантови, за напредување во кариера, за „напредување“ во научноистражувачката дејност, па кога на сите овие хиперпродуктивни аномалии ќе се додаде и леснотијата со која оваа вештачка интелигенција ќе ви напише и трудови, јазично ќе ви ги дотера и ќе ви даде насоки за релевантна литература, тогаш науката на светско и локално ниво веќе оди на пат од кој нема враќање. Ќе има ГИГА-хиперпродукција на „научни“ трудови напишани од вештачката интелигенција, посебно во областите каде што е потребен само текстуален концепт, ќе има „научници“ што ќе публикуваат по стотина научни трудови годишно (веќе ги има такви и во Македонија), ќе се изгуби смислата на публикувањето и истражувањето за најголем дел од вистинските научници, интелигенцијата (вештачката) ќе ја победи вистинската наука, трката по трудови и финансиски привилегии од тие лажни трудови ќе стане неподнослива за да се прави вистинско истражување од вистинските научници, ќе има голем број квази-научници што ќе публикуваат и во квантна механика, и во лапароскопска хирургија, и во менаџмент и претприемништво, и во генетски инженеринг... А што е со проверката на релевантноста на резултатите од ваквите „трудови“? Е тоа е веќе најголемата опасност. Оставањето на вештачката интелигенција таа да ти ја заврши работата ќе води до ситуации во која ќе се цитираат трудови и работи наведени во таквите трудови што не се проверени, што се измислени, што никој не знае како се добиени, работи што ќе имаат негативни импликации и по науката и по научните работници. Ако и досега во списанија со импакт фактор се публикуваа трудови со текст низ целиот труд што изгледа вака „Get me OFF Your F**KING MAILING LIST" или се цитираа трудови од Ron Jeremy, Michael Jackson и Пајо Паторот, а како автори на измислени трудови се појавуваа Симпсонови, Аватар, Rambo, Vlad Tepes и слични научници, тогаш можеме сите да замислиме што ќе се случува во иднина со науката со епидемиската (зло)употреба на вештачката интелигенција во науката. А најважното е дека ако вистинските научници ја прифатат оваа алатка, тогаш се губи нивниот научен идентитет. Секој научник има свој стил, има печат на своите трудови по кои е препознатлив. Доколку вистинските научници почнат да ја користат оваа вештачка интелигенција за пишување и обработка на нивните трудови, тогаш можат да кажат збогум на научниот идентитет. Хиперпродукцијата на резултати обработени преку вештачките алатки ќе доведе до појава на огромен број лажни вредности и величини во науката, ќе доведе до наградување и унапредување на луѓе што една чиста немаат од вистинска наука (па Нобелова награда веќе два пати е добиена за „измама“, а што да очекуваме сега!), ќе бидеме сведоци на ултра-хиперпродукција на доктори на науки во рекордно време, во трката за продукција на што поголем број трудови ќе се изместат границите на научното од ирационалното, ќе присуствуваме на епизоди во кои вистинските научници ќе бидат фрлени во ќош, а заслугите ќе ги собираат измамници промовирани од вештачката интелигенција... Едноставно кажано, можеме уште од сега да кажеме збогум на вистинската наука и научните вредности во 21 век.

Трката е веќе започната и нема враќање назад, освен ако не се најде алатка да ја препознава оваа вештачка интелигенција и автоматски да ги отфрла таквите „научни сознанија“, а за такво нешто тешко дека ќе слушнеме во блиска иднина.

Македонија, каде е тука Македонија? По Кина, Индија, Пакистан, Бангладеш, Бугарија и Брегот на Слоновата Коска, тука при врвот ќе бидеме по научни измами, лаги и видеоленти... Можам само да кажам една реченица што Фрчко ја кажа кога првпат еден кандидат беше избран за претседател: „Сега само ГОСПОД нека ни е на помош“... ако и тој не е веќе хакиран.

 

Проф. д-р Рубин Гулабоски

Prof. Dr. Rubin Gulaboski (Dr. rer. nat.)

професор на Факултет за медицински науки при УГД - Штип