Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Втор состанок на тематската експертска група на Советот на Европската асоцијација на универзитети за докторско образование (EUA-CDE) „Профилирање и институционална поддршка на постдокторските истражувачи“

Насоката на вмрежување и споделување на искуства во Европската асоцијација на универзитети, креирање и имплементирање на европски образовни политики на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, продолжува понатаму со поддршка на ректорот, проф. д-р Дејан Мираковски.

Единствен претставник од универзитетите во Регионот кој учествува во оваа експертска група е проф. д-р Ленче Милошева, редовен професор на Факултетот за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Изборот е направен од страна на EUA-CDE, а врз основа на апликација на проф. д-р Милошева за учество на Универзитетот во креирање на нов официјален документ на универзитетите, членки на Европската асоцијација на универзитети, Совет на докторско образование, со понудени препораки за поддршка и профилирање на постдокторските и млади истражувачи, нивната добросостојба и институционална поддршка.

Досега се одржани два состанока од овој проект на тематската група EUA-CDE. Првиот е одржан во Виена, на 16 и 17 февруари, на Универзитетот Виена, и вториот, на 13 и 14 јуни годинава, на Универзитетот ЛУТ во Лахти, Финска.

Главните цели на експертската група се:

– Заемно учење: дискусија и истражување на факторите за успех и областите за подобрување во структурите, политиките и практиките на докторското образование во Европа, вклучително и постдокторските тренинзи и истражувања;

– Заедничка база на знаење: придонес кон заедничка база на знаење за докторското образование во Европа преку идентификување на клучните научени искуства за избраната тема.

Главните теми на кои се работеше на вториот состанок на тематската експертска група беа: кариерен развој и поддршка & кариерни патеки за постдокторските истражувачи; улогата на држењето предавања во текот на фазата на постдокторант; личен развој, ментално здравје и добросостојба, психолошка сигурност & поддржувачките ресурси и сервиси и инструменти на институциите; финансирање на постдокторантите истражувачи; собирање на податоци за постдокторантите истражувачи; мобилност и меѓународни мрежи за соработка во академската заедница и надвор од неа.

На работните состаноци, на посебни сесии, членовите на групата имаа можност да ги слушнат презентациите на претставници на програми на Европската комисија за поддршка на постдокторантите и младите истражувачи, како и можност за дискусии, посебно за програмата Marie Skłodowska Curie Actions, European Commission.

Експертската група продолжува со работа онлајн во текот на 2023 година, до 2024 год. кога е рокот за финализирање на документот со препораки до Европските универзитети за профилирање и институционална поддршка на постдокторантите и младите истражувачи. Се очекува на Годишната конференција на EUA-CDE, на Универзитетот во Барселона, Шпанија, документот да биде официјално презентиран.