„Критични прашања во земјоделството и животната средина“ е насловена Третата студентска конференција која денес се одржа на Земјоделски факултет при УГД.
Студентите ги презентираа своите научни трудови, а во исто време имаа можност да се поврзат и со компаниите од бизнис секторот со цел подобро решавање на актуелните предизвици во земјоделието и животната средина.
- Акцентот е ставен на студентите и нивните трудови. Воедно, овде се компаниите со цел ги насочат нашите студенти за тоа каде би можеле да се фокусираат по нивното студирање, а и да ги остварат меѓусебните контакти. Овде денес се и дел од нашите дипломирани студенти кои треба да ги споделат своите успешни приказни - изјави деканката на Земјоделски факултет, проф. д-р Емилија Арсов.
Студентите преку своите трудови ги адресираа клучните предизвици во земјоделието и она што се случува во земјоделието во модерниот свет.
- Презентирани се трудови кои ги отвораат прашањата за ефикасно производство, но и за заштедата на енергија. Знаеме дека светот ја живее енергетската криза, па преку вакви видови на трудови може да се отворат некои клучни прашања за решавање на овие проблеми - изјави проф. д-р Љупчо Михајлов од Земјоделски факултет.
На конференцијата беа презентирани и успешни приказни на дипломирани студенти. Таков е примерот на Филип Камчев, кој студирал Енологија на Земјоделски факултет, а денес е успешен производител на сопствено вино за локална продажба.