Четврток, Декември 26 2024
Следете нè

Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип учествува во креирање на новата визија за докторското образование во Европа

Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип,  заедно со другите европски универзитети, членки на Советот на докторско образование на Европската асоцијација на универзитети (EUA- CDE), учествува во изработка на документ за новата визија за докторското образование во следните години во Европа.

По апликацијата за активно учество во фокус групите кои работат на посебни проблематики на овој документ, проф. д-р Ленче Милошева , редовен професор на Факултет за медицински науки, беше селектирана од страна на ЕUA-CDE за учество на овој настан како претставник од Република Северна Македонија.

Неодамна се одржа виртуелен настан на Советот на докторското образование на Европската асоцијација на универзитети, EUA-CDE Focus Group “Doctoral education in Europe: Where are we heading?”.

Дигитализацијатa, зелената транзиција, барањата за еднакви можности и различности, реформите во академското оценување, можностите за финансирање и промените во геополитичкиот контекст наметнуваат нови барања за реформи во европското високо образование, вклучително и докторските студии /образование.

Влијанието се чувствува во истражувачките практики, супервизиите, тренинг на вештини и истражувачка етика и интегритет, како и на организацијата и структурата на докторското образование.

Основните појдовни документи и материјали на кои работеа и ќе работат фокус групите и во следниот период се публикацијата на EUA-CDE „Докторското образование во Европа денес: структура и институционални структури“ како и истражувањето на EUA-CDE од 2021 год. Овие базични документи нудат некои дополнителни факти за тие промени и нови приоритети, вклучувајќи го покачениот фокус на постдокторските истражувачи.

Проф. д-р Ленче Милошева, како учесник во фокус групите, работеше на одредување на главните придвижувачи на иднината на докторското образование и артикулирање на базичните прашања со кои ќе се сретне академската заедница во Европа во следните години.

На работниот состанок фокус групите работеа на три паралелни сесии кои покриваа три главни поглавја на важни прашања.

Првата паралелна сесија беше насловена „Преглед на надворешни придвижувачи“ со главен фокус на: дигитализација; очекувања за идни вработувања и кариери на докторандите и истражувачите; одржувачките развојни цели и финансирање на докторското образование.

Втората пленарна сесија, насловена „Преглед на внатрешните придвижувачи со фокус на новите стратегии, структурата и организацијата на докторското образование“ ги опфати: организацијата и испорачувањето на докторското образование, истражувачка култура, етика и интегритет, публицирање и отворена наука; истражувачки придонес на докторандите и соработката во докторското образование.

Во третата пленарна сесија беа презентирани резултатите од фокус групите во однос на различни креирани сценарија за иднината на докторското образование во Европа.

Финалната верзија на официјалниот документ за новата визија на докторското образование ќе биде презентирана на годишната конференција на EUA-CDE во јуни 2022 година.