Факултетот за информатика и Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип и оваа година се коорганизатори на натпреварот FIRST LEGO League за деца од 9 до 16 години, a регионален партнер на територијата на Република С. Македонија е Академија за роботика и иновации - Скопје. Натпреварот ќе се одржи во сабота на 26 февруари 2022 година во просториите на СОУ „Тошо Викентиев“ во Кочани.
Натпреварот секоја година се одржува во повеќе од 100 земји низ светот, со учество на преку 40.000 тимови од национално и меѓународно ниво кои заедно со своите ментори работат на различни предизвици од областа на инженерството и кодирање до размислување за дизајн и вклучување на заедницата, решавање предизвици од областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (STEM) – основа за сѐ што правиме во FIRST®. Програмите на FIRST, освен теоретско, обезбедуваат и суштинско практично образование, овозможуваат стекнување со практични искуства и инспирација која им е потребна на младите луѓе да бидат поттикнати и да изградат подобар свет. Надвор од играњето, натпреварувањето и тимските предизвици, учесниците ја продлабочуваат својата љубопитност и самодоверба за да создадат подобра иднина за себе и за нивните заедници преку набљудување на можностите за решавање на проблеми во реалниот свет, за подобрувања на светот во кој живееме, свет со иновации и инклузија.
Оваа сезона 2021 - 2022 предизвикот е CARGO CONNECT вклучувајќи креирање на иновативни решенија од испорака на пакети во рурални и урбани области до испорака на помош при катастрофи, во рамки на деветтиот предизвик на Обединети нации за одржлив развој фокусирана на градење отпорна инфраструктура, промовирање на инклузивнa и одржлива индустријализација и инспирација за иновации. На овој начин, учесниците се поттикнуваат да размислуваат за идната одржливост на транспортот, а ние ги охрабруваме да се обидуваат и да не се откажуваат да бидат следната генерација лидери и иноватори, справувајќи се со најтешките предизвици во светот.
Преку категориите на роботска игра и дизајн на роботот со кој тимовите практично ќе ги совладуваат мисиите на овој предизвик, иновативен проект и основни вредности, ќе бидат оценувани од страна на стручното жири составено од универзитетски професори на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, поддржувачи на настанот од приватниот и од јавниот сектор.
За тимот што во секоја од наведените категории ќе освои најдобри резултати е овозможено понатамошно учество на меѓународниот натпревар во Бразил.