Четврток, Декември 5 2024
Следете нè

(Видео) Земјоделски факултет одржа работилница во рамките на проектот „Carbonica“

Во рамките на Деновите на млади истражувачи, Земјоделски факултет денес одржа работилница за промоција на активностите од проектот „Carbonica“.

„Проектот има за цел да креира регионален систем кој ќе овозможи собирање на податоци за емисија на стакленички гасови од земјоделското производство. Ова се смета за еден од клучните фактори за создавање на климатските промени. Ќе се воведуваат техники и методи за ублажување на климатските промени. Проектот го опфаќа регионот на нашата земја, Грција и Кипар“, изјави проф. д-р Верица Илиева од Земјоделски факултет и координатор на проектот.

Проектот ќе трае четири години, а во него се вклучени голем број научници од УГД, како и од регионот. Во тој период ќе се публикуваат резултати кои треба да ги кажат насоките за ублажување на климатските промени.

„Денешната работилница има за цел да се промовираат проектните активности во рамките на проектот Карбоника, односно јаглеродната иницијатива за климатски отпорно земјоделско производство. Овој проект е и генерална идеологија која треба да ја подигне свеста за реалните проблеми, но и за глобалните проблематики. Сметаме дека ова е една убава можност да опфатиме глобални и генерални проблематики за емисијата на стакленичките гасови“, истакна проф. д-р Билјана Балабанова од Земјоделски факултет на УГД.

Настанот се одржа во Кампус 2 на УГД, а присутни беа и голем број студенти кои според учесниците во проектот и самите се вклучени во многу истражувачки активности.