Тим на професори од Земјоделскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев” – Штип, составен од проф. д-р Емилија Арсов, проф. д-р Виолета Димовска и проф. д-р Виолета Иванова-Петропулос, ќе учествува во подготовка на првата македонска винска енцикопедија „ВИНОПЕДИЈА“.
„ВИНОПЕДИЈА“ на едно место ќе ги документира, архивира и промовира богатството на винската култура и традиција низ историјата на Македонија и македонската територија, обезбедувајќи консолидација и унифицираност на архивски, археолошки и други достапни историски и актуелни информации со детален опис на различни аспекти на винската индустрија од сорти на винова лоза до начини на одгледување, преку различни нивоа на производствени процеси за вино до начини, традиции и адети на консумирање вино.
Проектот и иницијативата за издавање на винската енциклопедија е во соработка со три релевантни научно-образовни институции и тим од професори, доктори на науки и останати соработници, меѓу кои се вклучени и професорите од Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип.
Тимот ќе даде стручен и научен придонес во два сегменти: (1) лозарство, со посебен акцент на различните сорти на винови лози, начините на одгледување и заштита на лозата и (2) винарство, осврнувајќи се на најновите трендови за производство на вино и вински стилови и одржување и контрола на квалитетот на виното.
Тимот на автори и соработници на првата македонска винска енциклопедија „ВИНОПЕДИЈА“ беше промовиран на прес-конференција на 12.9.2023 г. во Скопје.
Благодарност до тимот на Винопедија за иницијативата и идејата да се создаде првата македонска винска енциклопедија на македонски и на англиски јазик.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com